сабота, 27 јули 2024

Tрибина „1160 години од Моравската мисија на солунските браќа и просветители Св. Кирил и Методиј“

Објавено на

часот

Сподели

Целта на моравската мисија на Светите Кирил и Методиј не била само мисионерска работа во строгата смисла на зборот, односно ширењето на христијанството меѓу паганите, туку и, а можеби пред сѐ, создавање словенска црковна организација и подготовка на сопствен свештенички кадар. Поради оваа причина, тие сѐ почесто ги нарекуваат не мисионери, туку учители на Словените, словенски апостоли и рамноапостоли.

„Оттука, повеќе од пожелно е да го согледаме хронолошко-историскиот контекст на животниот пат и епохалното дело на сесловенските светилници, за да се потсетиме, просветлиме и продуховиме и да се обидеме да разбереме зашто, денес, во 21 век, некои европски соседни држави се обидуваат да обезбедат национален ексклузивитет на славните сесловенски просветители, наспроти вистинските вредности на наследството на светите Кирил и Методиј“, рече Ели Милошеска, научен советник во Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Култот кон словенските просветители, рамноапостоли, словенски апостоли е присутен во македонската литература од средновековниот период па сѐ до денес.

Како најзначајни средновековни ракописи Милошеска ги издвои Празничните минеи од 13-тиот век, Скопскиот, Драгановиот и Добријановиот минеј во кои се напишани службите за Свети Кирил и Методиј и пофалните служби за нив. Во науката, каде, според академик Харалампие Поленаковиќ за првпат светите Кирил и Методиј се споменуваат во школската програма испечатена во цариградски весник на први јануари 1852 година. Таа го нагласи огромното влијание на сесловенските просветители во македонската литература до 20 век.

„Македонската држава својот наратив го темели врз основа на делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методија со кое, всушност е извршена прва кодификација на словенскиот јазик од говорите од околината на Солун кој подоцна е распространет со преведувањето на светите книги. Секое присвојување на Моравската мисија и нивното дело од соседна држава е само политичко и без никакви историски извори и факти“, смета историчарот Зоран Богески.

Тој посочи дека Моравската мисија има и ден денес рефлексии врз културолошкото живеење на словенските народи, посебно во државава.

„Од некои наши соседи, историографски и политички е узурпирана и инструментализирана, злоупотребувана со правење конструкции и кога се читаат историските извори со кои се заобиколува нејзината суштина од општословенски карактер и политички се припишува со типично бугарски карактер, што во историските извори апсолутно нема никаква потврда. Македонската држава својот наратив го темели врз основа на нивното дело со кое, всушност е извршена прва кодификација на словенскиот јазик од говорите од околината на Солун кој подоцна е распространет со преведувањето на светите книги: Библијата и други богослужбени книги за потребите на Моравската мисија која подоцна доживеала признавање и од римскиот папа. Така, тогаш словенските народи успеале да се вбројат како рамноправни народи на општото цивилизациско поле на културен натпревар во тогашна Европа“, изјави историчарот Богески.

Црковни песни изведоа црковниот хор при храмот „Свети Кирил и Методиј“ и корот при КУД „Пере Тошев“ од Прилеп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ