Во теренските проверки што се вршеле вчера до 21 часот било забележано дека маркетите не ги поставиле потребните ознаки, со кои требаше да ги означат производите на кои Владата им наметна пониски профитни маржи иако ДПИ им даде рок тоа да го направат до крајот на вчерашниот ден, вели Трајковски.
„Екипите на ДПИ од утрово се на терен низ целата држава и уште денеска од 12 или од 13 часот ќе почнат со казнување на маркетите кои не си ја исполнуваат обврската“, изјави Трајковски за МИА и додаде дека маркетите се жалеле дека немале време да ги испечатат ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Владата со ограничувањето на профитните маржи на околу 70 основни прехранбени производи очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто. Согласно одлуката на Владата, трговците требаше да ги обележат намалените производи со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.