сабота, 19 октомври 2024

Tрендафилов: ССМ е под напад, сакаат да ни го одземат Работничкиот дом

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов денеска соопшти дека според информациите со кои располагаат, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема објектот на ССМ – Работничкиот дом. Тој нагласи дека ќе бараат одговорност бидејќи Работничкиот дом го граделе работниците одвојувајќи од своите плати. ССМ е нападнат, Работнички дом мора да преживее, го преживеа и земјотресот од 1963 година, рече Трендафилов и порача дека ССМ е во војна со Врховниот суд и дека работниците ќе се борат против корумпираното судство.

Објавено на

часот

Сподели

На вонредна прес-конференција, Трендафилов рече дека ќе сторат се да не се одземе објектот на ССМ и дека ќе побараат оставка од претседателката на Врховниот суд, а Советот на судии, кој броел пет члена, доколку донел ваква одлука, ќе биде повикан на одговорност.

„Работничкиот дом го преживеа катастрофалниот земјотрес од 1963 година и ќе го преживее потресот од Врховниот суд, а дали Врховниот суд ќе го преживее гневот на работниците и на ССМ, ќе видиме“, рече Трендафилов и нагласи дека олигархијата сака да го одземе објектот во центарот на Скопје.

„Од 1992 година правени се разни обиди да се грабне, да се приграби овој објект како Работнички дом во интерес на некои елити. Тоа што го правеа со фабриките што ги градеа работниците сакаат да го направат и со Работничкиот дом и во низа години се правеле разни обиди, се воделе разни постапки со кои се сакало да се одземе имотот, меѓутоа аргументите биле пресилни. Средствата кои сме ги двоеле биле преголеми. Документите со кои сме располагале од одобрение за градба, од инвестициска програма, од договори за изградба, од обезбедени финансиски средства преку банка – синдикални пари зборувам, не зборувам пари од државата, од целокупните произнесувања на сите органи – одобрение за употреба на оваа зграда и слично, се на име и на сметка на ССМ и на никој друг“, рече Трендафилов.

Вели загрижува ваквата правна формулација која Врховниот суд ја прави врз основа на сопствено мислење, без аргументација, и како што рече, без користење на статути, устав и закони.

Тој додаде дека сега за Работничкиот дом одлучувале луѓе кои или не биле родени или биле во пелени кога во Македонија, како дел од Југославија, работниците го добиле на располагање овој дом и дека сега, како што нагласи, тие одлучувале „под претпоставка дека во поранешниот систем не сме можеле да бидеме сопственици“.

„Загрижува тоа што утре на кој било во ова општество може да му текне да одземе имот што е граден во тој период. Тука се политички партии, разни други организации и правни лица. За жал, ова може да значи погубно нешто за граѓаните во државата. Ако имаме во предвид дека најголем дел од нашите родители и татковци имаат купено општествени станови во општествени згради утре некој ваков корумпиран судија, суд може да донесе одлука да ни ги земе нашите домови, нашите станови и да не избрка тука“, посочи Трендафилов.

Симптоматично е дека Врховниот суд не спречил олигархијата да одземе од работниците нешто што им било отстапено, рече Трендафилов.

Тој нагласи дека е симптоматично дека претседателката на Врховниот суд во 2005 година како заменик правобранител била вклучена во постапката за Работничкиот дом, а денеска кога е претседател на судот, да овозможи преиначување на сите одлуки и да ја одземе зградата од позиција на моќ.

„Жално е што денеска на синдикатот му се случува тоа што им се случувало на синдикатите и синдикалните лидери во триесетите години во нацистичка Германија кога им бил одземан имотот, а синдикалните лидери биле затварани. Нема да го дозволиме тоа. Ако имотот ни биде одземен, тогаш Врховниот суд треба да се распадне“, рече Трендафилов.

Тој најави борба на работниците и синдикатот.

„Ние сме веќе во војна со Врховниот суд. Во војна се знае како се постапува – ние мора да се браниме кога тие не напаѓаат. Меѓутоа, наредниот период ние ќе напаѓаме многу повеќе од тоа што сме го правеле во минатото. Ќе се бориме против корумпираното судство. Ние слушавме политички флоскули на функционери дека само што не започнале да се борат против корупцијата во судството, меѓутоа сметаме дека со поддршката на работниците, со поддршката на оние на чија штета одлучуваат ваквите корумпирани судови, оние на чија штета се носени одлуки за одземање на нивните домови, како што е тоа Домот на работниците, ќе се избориме и еднаш засекогаш“, порача претседателот на ССМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ