среда, 22 јануари 2025

Трендафилов: Очекувањата беа дека синдикалната кошница ќе се намали за 2.300 денари

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов вечерва посочи дека синдикалната минимална кошница во моментот е единствениот релевантен параметар, врз основа на кој може да се следат цените на 63 основни прехранбени производи кои се дел од истата. Според Трендафилов, загриженоста е што кошницата се зголемила за 123 денари, а очекувањата биле дека ќе се намали за најмалку 2.300 или 2.400 денари.

Објавено на

часот

Сподели

Од почетокот на годината за 10,43 отсто е зголемен дел од кошницата за трошокот за храна и пијалоци, вели Трендафилов.

„Синдикалната минимална кошница можеби во моментот е единствениот релевантен параметар, врз основа на кој можеме да ги следиме цените на оние 63 основни прехранбени производи кои се дел од истата, имајќи во предвид дека ја ажуриравме кошничката пред една година. Тоа што загрижува е што од податоците произлегува дека е зголемена за повеќе од шест илјади денари, односно 6.089 денари за една година. Нас не загрижува еден друг податок, а тоа е дека и покрај новогодишната акција, наместо да имаме намалување во делот на оние 63 основни прехранбени продизводи кои беа дел од повеќе од илјада производи кои требаше да бидат намалени за најмалку десет проценти, таа се зголемила дополнително за минимални 123 денари, но очекувањата беа дека ќе се намали за најмалку 2.300 или 2.400 денари“, рече Трендафилов во гостувањето на Телма.

Тој додаде и дека дополнително загрижува што од почетокот на годината за 10,43 проценти е зголемен делот од кошницата за трошокот за храна и пијалоци.

„Може да замислите колку се разочарани граѓаните и работниците, кога на толку помпезно најавувана мерка од трговците и стопанствениците, ги разочарувате граѓаните, патем оние со најниските примања кои одат од маркет во маркет и ги бараат најниските цени, ги утврдуваат како такви и потоа пазарат“, додаде Трендафилов.

Како што посочи, резултатот од кошничките од септември кои ги воведе новата Влада, покажува дека имаме стабилен пораст на цените, односно успеале да ги зауздаат ваквите не фер однесувања на трговците, меѓутоа не во доволна мера.

Според Трендафилов, мерките немаат никаков ефект за оние со сто илјади денари плата, но за 70 проценти од населението кое прима под просечна плата, имаат голем ефект.

Џемаил Даути од Сојузот на стопански комори на Северозападна Македонија во гостувањето подвлече дека со новогодишната кошничка имаше еден „џентлментски“ пристап со договарање, анализирање и кој што можеше да направи.

„Во пракса кога има обвинување, има име и презиме. Компанија таа и таа се сложила да ги намали цените, а не ги намалила. Не може една цела фела да се обвинува. Како пристап беше добро, и верувам дека ќе го продолжуваат. Ние имаме еден проблем каде што институциите не фукнционираат, и имаме едни исти производи со големи царини“, рече Даути.

Трајан Ангелоски од Сојузот на стопански комори пак, рече дека станува збор за еден гест од добра волја од страна на одреден дел од трговците, но не сите биле обврзани да учествуваат.

„Доколку се земе во предвид дека се извршила корекција на околу 1000 производи, и се направила анализа на 50 до 60 илјади производи во маркети кои не се на листа, тука настанал еден систем на намалување, каде трговците намалиле одредени производи кои Синдикатот ги нема во нивната анализа“, подвлече Ангелоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ