сабота, 19 октомври 2024
ССМ 78 години постоење

Трендафилов: Го бараме назад Работничкиот дом, нема да дозволиме бизнисмените да ги кратат правата и платите на работниците

На 78-годишнината од основањето на Сојузот на синдикатите на Македонија, претседателот на организацијата Слободан Трендафилов изјави дека борбата за работничките права мора да продолжи со засилено темпо затоа што работодавачите не го плаќаат соодветно трудот и затоа што работодавачите од приватниот сектор бараат да им биде ускратено основното право на одмор, да се укине недела неработен ден. Тој нагласи дека државата мора на ССМ да му го врати во владение Работничкиот дом. Трендафилов истакна дека партнери за преговори не може да бидат организациите на стопанствениците затоа што тие се заштитници на бизнисот.

Објавено на

часот

Сподели

„Наш партнер во преговори е Организацијата на потрошувачи, а не може да биде Стопанската комора затоа што таа е виновна за 30-годишниот егзодус на работниците и ангажирањето работници од Непал кои потоа им  бегаат на работодавачите. Не преговараме со нив и затоа што приватните работодавачи за 250 милиони евра годишно го оштетуваат буџетот на државата со неплаќање на придонеси за вработените или со давање пари во плико и на тој начин ги оштетуваат сите работници и граѓани“, рече Трендафилов и додаде дека е недозволиво што комората бара укинување на недела како неработен ден.

ССМ е единствениот репрезентативен синдикат во Македонија, заштитник на работничките права, нагласи тој на прес-конференцијата посветена на 78-годишнината од постоењето на овој синдикат.

„Борбата за работничките права продолжува затоа што иако сме постигнале доста во полза на работниците и иако се зголемени платите помеѓу 26 и 58 отсто тоа ни од далеку не е доволни и работниците не се задоволни ниту од платите, ниту од правата. Ваквото зголемување на платите ни од далеку не е доволно затоа што платите на функционерите отидоа за 78 отсто нагоре и не е на повидок намалување на нивните плати, па дури имаме и изјави од функционери дека ќе дадат оставка ако таа висока плата биде намалена“, рече лидерот на ССМ.

Трендафилов како многу важно прашање го истакна враќањето на Работничкиот дом на ССМ и работниците, кој беше одземен со одлука на Врховниот суд.

„Инсистираме државата да ни го врати Работничкиот дом. Покрај другите познати причини за кои имаме говорено и претходно, мора да се истакне сомнеж во судската одлука затоа што еден од тројцата судии, еден од главните виновници, беше Наќе Георгиев кој е осуден на три години затворска казна поради примање мито, а мито примал и член на Судскиот совет. Дали е земено мито за да биде пресудата против ССМ? Одземањето на Работничкиот дом е единстен таков случај можеби во светот“, нагласи Трендафилов.

Тој нагласи дека Естер Линч, генерален секратар на Европската конфедерација на синдикати ќе биде на гости во ССМ во септември и додаде дека и таа, по вторпат во Македонија, ќе разговара со претставниците на Владата за овој проблем, како и за потребата од раст на платите и за негрижата на работодавачите за работниците.

Трендафилов рече дека се бара зголемување на платите во приватниот сектор, зголемување на регресот за годишниот одмор и воведување на јубилејни награди и други награди за вработените.

Тој рече дека се бара итно потпишување на анекси на колективните договори во јавниот сектор и утврдување на коефициент за просечна плата.

„Очекуваме тоа да се случи во наредните месеци, затоа што во март работниците треба да добијат од 10 до 15 проценти покачување на платите. Оваа година во образованието и здравството не добија покачување на платите поради изборниот процес. Бараме зголемување на минималната плата што поскоро“, рече Трендафилов нагласувајќи дека таа треба да изнесува 450 евра.

„Минималната плата во Македонија е најниска во регионот, како и платите по сектори“, рече лидерот на ССМ нагласувајќи дека минималната кошничка на синдикатот треба да ги разбие сите анализи на т.н. експерти кои, нагласи, или пазаруваат во странство или дома во непознати супермаркети.

Трендафилот рече дека очекува средба со премиерот и додаде дека барањето е доставено од страна на ССМ.

„Владата вети дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. Јас сум оптимист дека средбата ќе се случи поради тоа што ја знам силата на работниците. Ние работниците мораме да бидеме слушнати и мораме да кажеме што се потребите на работниците. Очекувам средбата да се случи како што ветија тие во првите 100 дена“, рече Трендафилов.

Цените, нагласи, не се зголемуваат поради платите на работниците и го постави прашањето – зошто се цените во толкав раст.

„Нема да запреме пред никакви притисоци“, рече лидерот на ССМ и додаде дека го загрижува односот на Владата кон работниците.

„Но, треба да бидат загрижени и во Владата. Ако велат дека нема пари за плати на работниците, нека замислат што ќе се случи ако повеќето работници заминат во странство. Се оди и во Црна Гора на работа, а не пак подалеку“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ