вторник, 5 март 2024

Требичино – селото со двајца жители чија тишина сведочи за масовната миграција

Објавено на

часот

Сподели

Додека сонцето изгреваше над живописните предели, тргнаваме на патување до селото Требичино, сместено во ридско-планинските предели во струмичкиот регион. Порано препознатливото село по својата убавина и прекрасен пејзаж, денеска е само суров доказ за масовната емиграција што ги зафати населените места во овој регион, но и во целата држава.

Тишината го исполнува воздухот додека се приближуваме до селото кое постојано губи жители од 1960-тите. До шеесеттите години од 20 век селото имало 45 куќи со 274 жители.

Но, бранот на миграцијата не го заобиколи Требичино, со оглед на тоа што денес само две лица ова село го нарекуваат дом. Љупчо Трајковски, еден од двајцата жители, опишува како селото оживува за време на викендите, кога многу иселеници се враќаат да го поминат времето во родното село.

Тој со носталгија зборува за богатото минато на селото, потсетувајќи се на деновите кога улиците биле исполнети со детска смеа и раздвижени звуци од секојдневниот живот.

т

„Жена ми почина на 39 години, имам и двајца синови кои живеат и работат во Струмица, но за среќа, за време на викендите се враќаат со фамилиите во селото. И јас бев бил приморан да се иселам во Струмица  и таму работев до пензионирањето. Во селото сум веќе 8 години, тука го имам својот мир, родно место ми е“, вели Трајковски, кој се занимава со одледување зеленчук и овошје.

Во селото има една селска чешма која била примарен извор од кој селаните се снабдувале со вода, до пред некоја година, кога во селото бил направен водовод. Сега, селото е тивко во поголемиот дел од неделата, а оживува само за викендите кога се враќаат иселениците.

Недостигот од редовен превоз, пристап до здравствени установи и можности за работа се значајни фактори кои ја поттикнуваат миграцијата на жителите во помалите населени места, како што е случајот со Требичино – патот во селото бил направен во 1986 година, дури 20 години по масовното иселување.

Тоа е едно од ретките села кои денес се урбанизирани и достапни, со тоа што до селото се стигнува по асфалтиран пат. Но, и покрај ова, двајцата жители за да ги набават основните намирници се принудени да патуваат до најблиските села или во Струмица, која е на 15 километри од селото.

с

Ова населено место е познато по црквата Света Петка, која претставува атракција за 2.000 верници кои секоја година доаѓаат да го прослават патрониот празник на селото. Требичино е познато и по археолошките наоѓалишта Дервен и Дрибол.

Лошите услови за живеење во селото и немањето инфраструктура се едни од основните причини зошто селото останува без жители. Учениците во училиштето во ова село учеле до четврто одделение, а потоа децата биле принудени да пешачат по 15 километри дневно за понатаму да го продолжат образованието.

Денес Требичино претставува атракција за спортските ентузијасти кои овие места ги користат за спортски активности како планинарење, возење велосипед и мотоцикли.

Но, сепак, тоа е нешто што се случува само повремено. Во реалноста, состојбата на ова село е одраз на поголемиот тренд кој ја зафати Македонија во последните 20 години. Според последните статистички податоци, над 60 општини во земјава забележале значителен пад на населението, што претставува сериозна загриженост за иднината на руралните места.

Над 200 села се останати без жители

Пописот спроведен во 2021 покажува дека од вкупно 1.781 населени места, дури во 207 нема ниту еден жител, а тамошните куќи се оставени празни.

Дури 684 населени места имаат помалку од 100 жители, додека 218 населени места имаат помалку од 10 жители. Дополнително, повеќе од 60 општини низ земјата изгубиле значителен процент од своето население во изминатите две децении, како резултат и на внатрешните и на надворешните миграции.

д

Регионите на Северна Македонија се сведоци на значителен пад на населението, додека Скопје и неговите соседни области имаат прилив на нови жители. Повеќе од 60 општини низ целата земја доживеаја значителни загуби на населението, како резултат на комбинација на внатрешни и надворешни миграции. Најтешки состојби се забележани во Центар Жупа, Маврово и Ростуше и Ново Село, каде населението е намалено за 39 до 42 отсто од последниот евидентиран податок од пред 20 години.

Барајќи одговори за причината на овој тренд на иселување, зборувавме со Дончо Герасимовски, демограф, кој посочи повеќе причини за оваа масовна емиграција, но и потенцијалните мерки за решавање на проблемот. Тој ја истакна географската местоположба на овие населби како клучен фактор што придонесува за нивната депопулација.

„Многу од овие области се сместени во планински или ридско-планински региони, што ги прави земјоделските активности предизвикувачки и условите за живеење понеповолни. Дополнително, регионалните разлики во инфраструктурата и удобностите играат клучна улога во оддалечувањето на жителите од овие рурални области“, објаснува Герасимовски за Мета.мк.

Понатаму, вели тој, во одредени региони, особено во места како Валандово и Радовиш, каде што има 12-13 населени места, доминантна причина за иселување е немањето одржливи можности и заминувањето на етничкото население.

„Овие раселени лица често мигрираат во поголемите градови, истото се случува и во градовите  како Битола, Прилеп, Штип и Кавадарци, а некои од граѓаните бараат можности за живеење и во странство“, додава тој.

Според Герасимовски, во изминатите шест до седум децении, прашањето за депопулација на руралните средини не го запали црвениот аларм кај државата. Додека некои населени места се сведоци на развој во однос на електричната енергија, водоводните цевки и комуналните објекти, други остануваат значително неразвиени, немаат индустриски капацитети и потребна инфраструктура. Недостигот од можности за вработување и пристап до образование дополнително го влошува проблемот.

„Транспортот, пристапот до здравствена заштита и можностите за вработување се витални фактори кои влијаат на моделите на емиграција. Несоодветните транспортни врски и ограничениот пристап до медицинските установи поттикнаа многу жители да бараат подобри изгледи на друго место“, нагласува Герасимовски.

Тој смета дека се потребни сеопфатни мерки кои ќе опфаќаат економски и индустриски раст и подобрување на животниот стандард. За да се спречи понатамошна емиграција, тој се залага за мерки кои промовираат повисок наталитет во одредени општини или региони, заедно со подобрување на условите за живот со цел да се  задржи населението.

„Зачувувањето на природните убавини и зголемувањето на економските можности во руралните области може да послужат како поттик за луѓето да останат. Со инвестирање во руралниот развој и создавање перспективи за работа за населението, може да се врати привлечноста на урбаниот живот“, смета Герасимовски.

Сè додека не се случат овие промени, селата како Требичино ќе останат да сведочат за едно минато време кое сега е заменето со тишина и разрушени куќи каде се наѕира дека некогаш таму постоел живот.

                                                                                                                                                    Мета

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ