Во светот во 2000 година се регистрирани 49.000 умрени поради труење со јаглен моноксид. Во 2021 година тој број е речиси преполовен и изнесува 29.000 умрени. Смртта настанува различно долго во зависност од концентрацијата во просторијата. Концентрацијата од околу 1,28% од волуменот на просторијата доведува до онесвестување после 2-3 вдишувања, а концентрациијата од 0,3% за околу 30 минути.
Зошто е тоа така?
Јаглен моноксидот има исклучително висок афинитет во врзување со хемоглобинот, над 200 пати посилно од кислородот, поради што бргу го истиснува кислорородот од хемоглобинот, со што виталните органи остануваат без кислород. Како резултат на хипооксијата мозокот реагира „одбранбено“, со онесвестување што резултира со паѓање на човекот, со што мозокот би добил повеќе крв, реакција која му помага на мозокот кога има хиповолемија или низок притисок или друга состојба која ќе доведе до лошо снабдување на мозокот со крв. При хипооксија поради труење со јаглен моноксид, мозокот препознава недостаток на кислород и се онесвестува за да добие повеќе крв, но во овој случај хипооксијата не е поради помала количина на крв, туку поради хемоглобин кој наместо кислород носи јаглен моноксид. Ова онесвестување понатаму е голема пречка за давање прва помош и отстранување на телото од местото богато со јаглен моноксид. Самото изнесување на „затруениот“ на чист воздух е доволно, постепено настанува враќање на кислородот и за околу 90 минути ќе се „истисне“ јаглен моноксидот. Овој процес е побрз ако пациентот се стави на кислородна поддршка.
Треба ли возрасното население да знае за труење со јаглен моноксид и како се дава прва помош? Труењата со јаглен моноксид се честа појава, и не ретко медиумите известуваат за трагедии со труење со јаглен моноксид. Во 2012 година 4 момчиња во околината на Параќин (Србија) се затруја со јаглен моноксид во викендица која се греела со нафта. Кај нас повеќе од 10 луѓе го изгубија животот на „чешмата на смртта“ на изворот Кисела вода, во близина на село Крстоар, Битолско.
Мене силна трага ми остави една трагедија од пред дваесетина години во населбата Кисела Вода во Скопје, кога поради подметнат пожар во подрум на зграда мораше да се евакуираат сите станари. Тогаш пожарна ги спасуваше станарите од најгорните спратови со подвижни скали од надвор преку прозори. За жал, две студентки од Битола кои бегаа од димот од 3-4 спрат, кога дошле до приземје се догвориле да се вратат да ја изнесат некоја бабичка која лежела во несвест на скалите. Се вратиле, ја донеле до приземје и тука и двете се онесвестуваат и двете умираат. Значи во процесот на образование, особено при полагање на Прва помош треба да се учи за труењето со јаглен моноксид и како да се даде прва помош.
На моите предавања по предметот Прва помош во втора година на студентите од општа медицина особено им потенцирам дека спасувањето на лица затруени со јаглен моноксид се особено опасни за спасувачите. Овие труења најчесто настануваат при пожари, но често се случуваат во затворени гаражи кога работи колата (било да се слуша музика зимно време или пак се работи нешто во гаражата). При спасување не помагаат влажни крпи на устата, не помага дури ни гас маска, бидејќи таа не го задржува јаглен моноксидот. Единствено исправно спасување е спасување со таканаречено „гњурење“, се зема длабоко воздух и не се дише до излегување од просторијата. Човекот може до една минута да издржи без да дише. Примерот кој го давав на студентите: земаш длабоко воздух и ја отвораш просторијата (гаражата), излегуваш, повторно земаш длабоко воздух и ја отвораш колата (или го кршиш стаклото ако е колата заклучена одвнатре). Повторно излегуваш земаш воздух и ја извлекуваш жртвата. Многу важно не смее да се вдише во просторијата, може со едно вдишување да се онесвестиш. Ако знаеме дека според статистиката најмалку 120 илјади луѓе годишно во светот умираат поради изгореници и топлина (во Македонија 1,1 на 100.000 жители умира од изгореници во последниве 20 години) од кои околу 30-50.000 поради труење со јаглен моноксид, навистина треба постојано да потсетуваме на опасноста од овој опасен убиец. И ако најголемиот број од младите знаат биографии на над 100 глумци, зошто да не ги научиме да знаат десетина состојби на кои мора да внимаваат, да ги препознаваат и да знаат да дадат прва помош?
Проф д-р Вело Марковски