петок, 10 јануари 2025

Треба да има контролни механизми за безбедносно-разузнавачките служби да не станат „држава во држава“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова изјави дека никој не може да рече дека спојувањето на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) сигурно ќе доведе до редуцирање или до најдобри решенија во поглед на безбедноста на државата внатре и надвор, но оти најважно е секогаш да има механизми на контрола, заради опасноста да се развијат овие служби и да бидат држава во држава. 

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за емисијата „За или против“ на ТВ Алфа на прашањето дали со спојувањето на двете институции може да се очекува служба која нема да биде во рацете на власта, Сиљановска – Давкова рече дека времето покажува и оти затоа не сака да зборува за нешто што е потенцијално, односно програмска определба.

„Јас не сум експертка за безбедносни служби, но и да сум, дури и како претседателка имам надлежност да го именувам директорот на Агенцијата за разузнавање, а таа се занимава со надворешните безбедносни закани или она што е важно за нас. Никој не може да рече дека спојувањето сигурно ќе доведе до редуцирање или до најдобри решенија во поглед на безбедноста внатре и надвор. Времето покажува, јас затоа велам дека не сакам да зборувам за нешто што е потенцијално, односно програмска определба“, вели Сиљановска – Давкова.

Претседателката истакна дека мора да се има предвид неопходноста од механизми на контрола, нагласувајќи ја потребата од широка дебата пред носење на ваква одлука.

„Следам експертски дебати и знам дека има држави каде што има обединети служби, знам дека има држави каде што има разединети служби. Закон јас не предлагам, закон јас не носам, тоа е надлежност на Собранието. Доколку дојде до ваков предлог, тој закон мора да оди во редовна постапка и мора да има широка расправа, парламентарна, вонпарламентарна, широка, секаква… Можно е да се измерат сите аргументи ‘за’ и ‘против’, но најважно е секогаш да има механизми на контрола, затоа што постои опасност некаде да се развијат овие служби во држави во држави. Тоа е нешто што мора да се има во предвид и тогаш нека одмерат пратениците пред да одлучат“, рече претседателката.

Додаде дека не смее да се наметнуваат решенија, бидејќи, како што рече, тоа ќе доведе до поделби.

„Не смее да се наметнуваат решенија и да навиваме однапред без да ги анализираме сите параметри, бидејќи мислам дека тоа ќе доведе до поделби. Ние треба да веруваме дека она што го креираме, не само што е засновано на консензус, не само што е засновано на разбирање, туку и дека гарантира исчекор дека ќе ја подобри безбедносната ситуација. Не смееме да се однесуваме навивачки, барем не јас. Ниту ми е тоа надлежност, ниту имам познавања од тоа, единствено што можам е да го употребам ветото, доколку има решенија кои што мислам дека се недемократски или опасни“, рече Сиљановска – Давкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ