петок, 13 декември 2024

Tрансмедијалниот проект на Јанешлиева поставен во македонскиот павилјон во Венеција

Отворен е македонскиот павилјон, во кој е поставен повеќеслојниот и трансмедијален проект на Славица Јанешлиева „Интер спем ет метум“ и Националната галерија на Македонија како официјален претставник на земјава на светската културна манифестација Венециско биенале 2024.

Објавено на

часот

Сподели

Проектот е изложен во зградата на Скуола деи Ланери. Павилјонот е отворен за пошироката публика секој ден, освен понеделник, од 11 до 19 часот.

„Повторно нашето културно богатство е стационирано на светската културна манифестација Венециско биенале. Делото на Славица Јанашлиева во контекст на годинашната тема ‘Странци насекаде’, со наслов ‘Помеѓу надеж и страв’ се занимава со аспектот на странецот, на ‘другиот’, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот“, изјави комесарот на проектот Дита Старова Ќерими.

Проектот го курираше Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија. Проектот е поддржан од Министерство за културa.

Според Старова Ќерими, делото веќе го привлече вниманието на домашните и меѓународните медиуми како Арт нуз, Е-флукс, Иц ликвид, Арт вју, а најавени се и интервјуа со авторката со новинари на странски и локални медиуми. Ваквиот интерес, како што наведува, дополнително потврдува дека нашата земја има уметници за кои вреди да се бориме, да бидат поддржани.

„Синоќешното отворање беше одлична можност за повеќе од триста луѓе кои постојано доаѓаа во различни интервали, во периодот од три часа предвиден за посета на самиот ден на отворањето. Местоположбата и самиот концепт се доволна причина за очекување на бројна посетеност во наредните без малку осум месеци.    Да не има на светската културна мапа, еднакви меѓу останатите светски уметнички елити е чест и привилегија која се постигнува со учество на вакви манифестации како Биеналето“, изјави Дита Старова Ќерими.

Според Франговска,трансмедијалниот и транснаративен проект „Интер спем ет метум“ на Славица Јанешлиева претставува визуелно исчистена и концептуално предвидена просторна инсталација, која на прилично чувствителен и имагинативен начин нè фрла во цивилизацискиот отпад.

„Преку мултидимензионални, медиумски платформи и материјали, како што се пердуви, лед-неонски знаци, проекции, огледала, Јанешлиева нè лансира во неколку концептуално-наративни матрици, каде што нè поттикнува да се соочиме со чувството да се биде странец, она кое е присутно насекаде: во себе, во тебе, во нив, во нас… Имено, таа нè предизвикува со прифаќање или неприфаќање на различните етикети од познатите и обичните на масите; опфаќајќи ги разликите врз основа на пол, сексуална ориентација, изглед, однесување, став, болест, националност, религија, јазик, политичка ориентација“, се вели во писмената изјава на Франговска.

Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 20 април до 24 ноември 2024 година.

Фото: Роберт Јанкулоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ