вторник, 18 март 2025

Трамп: Утре ги објавуваме сите досиеја за убиството на Кенеди

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека утре ќе објави 80.000 страници документи за убиството на претседателот Џон Ф. Кенеди, откако во кампањата вети декласифицирање на тие документи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Утре ги објавуваме сите досиеја за Кенеди. Значи, луѓето чекаа со децении за ова, а јас ги упатив своите луѓе дека мора да бидат пуштени утре“, им кажа Трамп на новинарите за време на посетата на Кенеди центарот во Вашингтон.

„Ќе има многу за читање. Не верувам дека нешто ќе менуваме. Кажав: „Само не менувајте, не можеме да менуваме““, додаде тој, најавувајќи дека документите ќе бидат „многу интересни“.

Кога новинарите го прашаа што видел во досиејата, тој одговори: „Јас не правам сижеа, вие самите ќе напишете свое сиже“.

Трамп уште во јануари го потпиша извршниот указ со кој се наредува објавување на документите на сојузната влада кои се однесуваат на убиството на Кенеди, поранешниот јавен обвинител Роберт Ф. Кенеди и Мартин Лутер Кинг Помладиот.

Со указот им е наложено на директорката на националната разузнавачка служба и главната јавна обвинителка во рок од 15 дена да престават план за „целосно објавување на записите кои се однесуваат на атентатот на Џон Ф. Кенеди“.

„Кажав за време на кампањата дека ќе го направам тоа. Јас сум човек од збор“, напомена Трамп. Тој даде исто ветување и за време на својот прв мандат, но на крајот дел од документите останаа тајни поради загриженоста на разузнавачките служби.

Џон Ф. Кенеди остана предмет на интерес со децении откако беше убиен во 1963 година во Далас. Поради убиството беше уапсен Ли Харви Освалд, кого два дена по атентатот го уби Џек Руби.

Конгресот во 1992 година донесе закон со кој се бара сите преостанатите владини документи за убиството на Кенеди да бидат објавени до октомври 2017, освен ако не претставуваат одреден ризик за националната безбедност или разузнавачките служби. Трамп и поранешниот претседател Џо Бајден ја продолжија тајноста на одредени документи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ