сабота, 27 јули 2024

Трамп убедливо победи во Мичиген и Мисури

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи на пратеничките групи во Мичиген и Мисури, со што се приближи уште повеќе до републиканската номинација за претседателските избори во ноември.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во двете држави, Трамп ја победи Ники Хејли, својот последен преостанат ривал за републиканската претседателска номинација, приближувајќи се до номинацијата на својата партија и веројатниот реванш на претседателските избори со демократскиот претседател Џо Бајден.

Во Мичиген, Трамп ја победи Хејли во сите 13 окрузи кои учествуваа во пратеничките групи (кокус), објави Републиканската партија. Асошиетед прес ја објави победата на Трамп во пратеничката група во Мисури, иако гласовите сè уште се пребројуваат, но се покажа дека поранешниот американски претседател бил далеку пред Хејли.

Повеќе од 1.600 членови присуствуваа на пратеничката група во градот Гранд Рапидс, Мичиген каде делегатите бираа за Трамп или за поранешната амбасадорка при ОН Хејли, за партиската конвенција во јули. Републиканците во сабота одржуваат прелиминарни избори и во Ајдахо, што ќе биде последна можност за Хејли пред Супер вторник, 5 март, најважниот ден од прелиминарните избори кога гласаат 15 држави.

Со претходните победи во Ајова, Њу Хемпшир, Невада и Јужна Каролина, Трамп е голем фаворит на прелиминарните избори, а Хејли сè уште опстојува благодарение на донаторите кои сакаат алтернатива на поранешниот претседател.

За овој изборен циклус, републиканците од Мичиген се одлучија за хибриден систем, поделен помеѓу класичните прелиминарни избори – одржани во вторник – и пратеничките групи или кокус. Трамп победи на прелиминарните избори во вторникот, обезбедувајќи 12 од 16 делегати, а во саботата ги зеде останатите 39.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ