Трамп во видео-порака наведе дека се радува на блиската соработка со Орбан кога, како што наведе, уште еднаш ќе положи заклетва како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, пренесува Асошиејтед прес.
Трамп во пораката го нарече Орбан голем човек и истакна дека додека бил американски претседател работел со него на унапредување на вредностите и интересите на САД и Унгарија. Трамповата порака е емитувана на собирот во Будимпешта на Конзервативно-политичката акциска конференција (КПАК) која е најистакнатата конзервативна организација во САД.
Ова е трет собир на КПАК во Унгарија. Орбан беше еден од најблиските сојузници на Трамп во Европа за време на неговиот претседателски мандат, а тие двајца се сретнаа на Флорида во март.
По нивната средба, Орбан му даде поддршка на Трамп и кажа дека само враќање на Трамп во Белата куќа може да донесе мир во Украина.