вторник, 22 октомври 2024

Трамп се заканува со повлекување од дебатата со Харис, нејзиниот тим има нови барања

Штабовите на Доналд Трамп и на Камала Харис се судрија во врска со претстојната дебата на претседателските кандидати на САД, која би требало да се случи во септември на телевизијата Еј-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тимот на демократите бара микрофоните на кандидатите да останат вклучени во сето време на дебатата, додека републиканскиот кандидат се заканува дека ќе се повлече од дебатата и вели дека телевизијата Еј-би-си е пристрасна – иако претходно се согласи таму да учествува во дуелот.

„Зошто би водел дебата против Камала Харис на таа телевизија?, напиша Трамп на социјалните мрежи, со сугестии за „пристрасност“ на мрежата Еј-би-си.

Портпаролот на кампањата на Камала Харис, Брајан Фелон, рече дека нивно барање е микрофоните на кандидатите за време на дебатата да бидат цело време вклучени, а не да им се исклучуваат кога ќе им истече времето за излагањето, како што беше случај во првата дебата, пренесува Ројтерс.

Таканаречените „жешки микрофони“ може да им помогнат или да им наштетат на политичките кандидати, зашто фаќаат сè што ќе кажат, па и тоа што не ѝ е наменето на јавноста.

„Потпретседателката е спремна да се бори со постојаните лажења на Трамп и со прекините во реалното време. Трамп би требало да престане да се крие зад копчето за исклучување на микрофонот“, наведе Фелон во соопштението.

Вишиот советник на штабот на Трамп Џејсон Милер рече дека веќе се согласиле со истите услови како и во јунската дебата на Си-ен-ен, во која микрофоните беа исклучувани, и додаде дека веќе „рекоа дека нема промена на договорените правила“.

Меѓутоа, Трамп подоцна рекол дека повеќе би сакал микрофонот да му биде вклучен и дека не му се допаднало тоа што минатиот пат бил исклучен. Тој вели дека не се подготвувал многу за соочувањето со новата ривалка.

„Мене ми е сеедно. Повеќе би сакал, веројатно, микрофонот да биде вклучен. Меѓутоа, договорот беше дека ќе биде исто како и минатиот пат“, рече Трамп.

Претставниците на телевизијата Еј-би-си не одговорија веднаш на прашањето за коментар.

Фокусот на кампањата на клучните држави

Резултатот од претседателските избори во САД најверојатно зависи од резултатите од гласањето во седумте одлучувачки држави, што значи дека кандидатите таму поминуваат повеќе време и дека даваат повеќе пари за кампањата.

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп во понеделник ќе им се обрати на членовите на Здружението на националната гарда на САД во Детроит. Тоа ќе биде негова седма посета на државата Мичиген, која ја доби во 2016 година, но ја изгуби во 2020.

Кандидатот на Трамп за потпретседател Џеј Ди Венс, сенатор од Охајо, исто така ќе биде на митингот во Мичиген, во малото место Биг Рапидс.

Републиканскиот претседателски кандидат во четврток повторно ќе дојде во таа држава – во фабриката за челик во Потервил, каде што планира да зборува за американската економија, цените и за инфлацијата.

Потоа оди во Висконсин каде што ќе разговара со избирачите на отворен настан во местото Ла Крос. Во петок Трамп ќе одржи митинг во Пенсилванија, а потоа ќе се упати во Вашингтон на разговор со конзервативната група Мајките за слобода.

Камала Харис и нејзиниот кандидат за потпретседател Тим Волц ќе патуваат со автобус низ неколку градови во државата Џорџија, а кулминацијата ќе биде во четврток на митингот во Савана.

Бајден ја доби Џорџија во 2020 година, и тоа беше првпат од 1992 година демократите да ја добијат оваа држава. Тоа ќе биде седми пат Камала Харис да биде во Џорџија, и вторпат во Савана.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Харис е во тесно водство во однос на Трамп на национално ниво од два до три отсто, а по Демократската национална конвенција би можел дополнително да ѝ скокне рејтингот.

Државите во кои Харис и Трамп ќе бидат оваа недела во кампања, заедно со Северна Каролина, Аризона и Невада, се од клучна важност. Раното гласање во некои од најважните држави почнува веќе во втората половина на септември.

Седум држави ги решаваат американските избори, зашто победата не зависи од вкупниот број на гласови на ниво на целите САД.

Изборите всушност се натпревар на двајца кандидати во сите 50 држави, а електорите на победничкиот тим (освен во две сојузни држави), својот глас потоа го даваат во Електорскиот колеџ, кој го избира претседателот. Гласовите на Електорскиот колеџ се засновани на бројот на жителите, што значи дека најмногу населените држави даваат најмногу електори.

Во колебливите, клучни држави, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека трката е тесна и неизвесна. Анкетите на Вашингтон пост укажуваат дека Харис има мала предност во Висконсин, Мичиген, Пенсилванија, додека Трамп води во останатите клучни држави.

Трамп ги изгуби изборите според бројот на гласови на национално ниво во 2016 година, но ги доби благодарение на Електорскиот колеџ.

Кампањата на Камала Харис соопшти дека собрала 540 милиони долари, од кои поголемиот дел ќе биде потрошен за маркетинг во клучните држави. Трамп исто така собра големи средства во кампањата, но помалку од Харис – околу 327 милиони долари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ