„Пристигнуваат извештаи дека Иран, иако го намалил интензитетот на испраќање воена опрема и општа поддршка на хутите, и понатаму испраќа големи количества залихи. Иран мора веднаш да го прекине испраќањето на овие залихи. Хутите сами нека се борат. Во секој случај губат, но на овој начин брзо губат.
На варварите хути им е нанесена голема штета и гледајте како ќе биде сè полошо – тоа дури не е ни фер борба ниту некогаш ќе биде. Тие ќе бидат целосно уништени“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.
Трамп во саботата почна воени напади на хутите поради нивните напади на американски воени бродови во Црвено Море. нападите се случија само неколку дена откако хутите најавија планови за нови напади на израелските бродови кои минуваат низ Црвено и Арапско Море, теснецот Ба бел Мандеб и Аденскиот залив, прекинувајќи го периодот на релативен мир кој почна во јануари со примирјето во Газа.
Хутите извршија повеќе од 100 напади на бродови од ноември 2023 година, како знак на солидарност со Палестинците поради нападите на Израел врз Газа. Во текот на тој период бунтовничката група потопи два брода, заплени еден и уби најмалку четворица морнари во офанзивата која го наруши глобалниот поморски промет, присилувајќи ги западните компании на поскапа рута околу Рогот на Африка.
Трамп пред неколку дена им се закани на Иранците дека ќе сносат последици ако хутите продолжат со своите напади.