петок, 18 октомври 2024

Трамп се фалеше со топлите односи со Нетанјаху, ја искритикува Харис

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го промовираше својот близок однос со Бенјамин Нетанјаху денеска кога го прими израелскиот премиер и ја обвини потпретседателката на САД Камала Харис дека дава „неучтиви“ коментари за војната во Газа.

Фото: ЕПА (архива)

Објавено на

часот

Сподели

Нетанјаху се сретна со Трамп, републиканскиот кандидат во претседателската трка во САД во 2024 година, еден ден по разговорите со демократскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис, која се кандидира против Трамп на изборите во САД на 5 ноември.

Трамп ги прими Нетанјаху и неговата сопруга Сара во Мар-а-Лаго, своето одморалиште на Флорида, и ја критикуваше Харис, која изрази загриженост по средбата со израелскиот лидер за билансот на палестинските цивили од 9-месечните напади на Израел во Газа.

„Мислам дека нејзините забелешки значеа непочитување“, рече Трамп.

Нетанјаху рече дека се надева оти неговото патување во САД ќе доведе до побрз договор за прекин на огнот.

„Се надевам дека е така. Но мислам дека времето ќе покаже“, им рече тој на новинарите. Тој рече дека мислел дека имало придвижување во напорите да се постигне прекин на огнот поради израелскиот воен притисок и рече дека ќе испрати тим на разговорите во Рим.

Нетанјаху го налути Трамп кога му честиташе на Бајден за победата над Трамп на изборите во 2020 година. Трамп лажно тврди дека изборите му биле украдени со измама на гласачите.

Во поново време, Трамп го критикуваше Нетанјаху дека Израел безбедносно потфрлил и му овозможил на Хамас да го изврши нападот на 7 октомври што ја предизвика израелската офанзива во Газа.

Трамп сега негираше дека имал тензии со Нетанјаху.

„Имаме многу добри односи“, рече тој, забележувајќи ги промените во политиката за време на неговото претседателствување, вклучително и преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим и повлекувањето на Соединетите Држави од меѓународниот нуклеарен договор со Иран.

Хуманитарната ситуација е „сериозна грижа“, рече Харис

Во разговорите во четвртокот Харис го притисна Нетанјаху за страдањата на Палестинците во енклавата, кои будно се следеа во потрага по знаци за тоа како таа би можела да ја смени американската политика ако стане претседател.

„Јасно ја кажав мојата сериозна загриженост за страшната хуманитарна ситуација таму“, рече Харис. „Нема да молчам.“

„Израел има право да се брани. И важно е како го прави тоа“, рече таа.

Членовите на делегацијата на Нетанјаху беа разочарани од некои забелешки на Харис приватно и јавно поради загриженост дека тоа може да сигнализира како ќе се развиваат односите доколку таа стане претседател, вели Ројтерс.

Нетанјаху е на чело на екстремно десничарската коалициска влада, која се противи на палестинската државност, политика што е во спротивност со американската поддршка за решение со две држави за ставање крај на деценискиот конфликт.

Во пркосните забелешки до Конгресот во средата, Нетанјаху ја бранеше израелската војска и ги отфрли критиките за нападите што ја опустошија Газа и убија повеќе од 39.000 луѓе, според здравствените власти во енклавата со која владее Хамас.

Десетици демократи го бојкотираа говорот на Нетанјаху, изразувајќи вознемиреност поради илјадниците цивилни жртви во Газа, уништувањето на нејзината инфраструктура и раселувањето на повеќето од нејзините 2,3 милиони жители.

Во говорот во средата Нетанјаху ја пофали поддршката на Бајден за Израел.

Но, предизвикувајќи овации од републиканците, тој го спомена Трамповото произраелско досие како претседател. Тој ја пофали одлуката на Трамп да ја премести амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим, долгогодишна цел на конзервативците што ги налути Палестинците.

Тој, исто така, го наведе Абрахамскиот договор, значајни договори со посредство на САД, потпишани за време на Трамповите години во Белата куќа, со кои се нормализираа билатералните односи меѓу Израел и Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.

Хамас и неговите сојузници убија 1.200 луѓе и зедоа 250 заложници во нападот на 7 октомври, според израелските податоци. Околу 115 заложници сè уште се држат, иако Израел верува дека секој трет е мртов.

Израелските власти проценуваат дека околу 14.000 борци од милитантните групи, вклучувајќи ги Хамас и Исламски џихад, се убиени или заробени од силите за кои се проценува дека имале повеќе од 25.000 припадници во почетокот на војната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ