Трамп и Зеленски разговараа синоќа по телефон за продолжување на преговорите со Русија за прекинувањето на огнот откако Москва изврши нови воздушни напади врз украинската инфраструктура.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Трамп му рекол на Зеленски дека американското сопствеништво врз снабдувањето со електрична енергија и врз нуклеарните централи во Украина „би било најдобра заштита за таа инфраструктура“.
Предлогот го одразува уверувањето на Трамп дека американското сопствеништво врз украинскиот имот ефективно би служело како безбедносна гаранција за државата во војната бидејќи Русија би се воздржала од напади врз нив од страв од ескалација со САД, пренесува Радио слободна Европа.
Барањето на Киев за безбедносни гаранции е во срцето на шатл-дипломатијата меѓу Украина, Русија и САД, чија цел да се обезбеди мировен договор.
Трамп за време на разговорот ветил дека ќе размисли за набавка на повеќе противвоздушни ракетни системи „патриот“ за Украина, додека Зеленски се согласил Украина да не ја напаѓа руската енергетска инфраструктура 30 дена.
Во објава на социјалните мрежи Трамп рече дека цел на разговорите со Зеленски е „и Русија и Украина да се усогласат во поглед на нивните барања и потреби“.
Трамп окончувањето на војната во Украина, во која се убиени или ранети повеќе од еден милион луѓе, го постави како еден од главните приоритети на својата администрација.