Американскиот претседател ги бранеше царините и депортациите, ја критикуваше „разбуденоста“ (woke), најави можен договор со Володимир Зеленски, го пофали Илон Маск, го обвини Џо Бајден за економијата, даде големи политички најави и ги исмејуваше присутните демократи во синоќешниот говор на заедничката седница на Конгресот.
Активностите на администрацијата – од преименувањето на Мексиканскиот залив во Американски залив до отстранувањето на „отровот на критичката расна теорија од државните училишта“ – ги прикажа како дел од „здраворазумската револуција“ што „го зафаќа светот“.
Во досега најдолгиот претседателски говор пред пратениците, тој ја претстави својата визија за вториот мандат, додека републиканците аплаудираа за бурните шест недели што ја преобликуваа внатрешната и надворешната политика.
Демократите – кои протестираа и тивко и, во еден случај, толку гласно што одговорниот конгресмен беше отстранет од собраниската сала – беа исмејувани од претседателот, кој ги предупреди дека ако не го поддржат неговиот предлог за намалување на даноците, тоа ќе значи дека тие „никогаш повеќе нема да бидат избрани“.
„Ти благодарам, Илон“
Претседателот дури промовираше некои предлози што не се универзално популарни – на пример, царините за Мексико, Канада и Кина, или работата на Илон Маск – кој седеше во галеријата на Домот – и Министерството за владина ефикасност.
Шефот на Спејсекс и на Тесла, облечен во темен костум со сина вратоврска, стана и ги прими овациите од толпата.
„Ти благодарам, Илон“, рече 78-годишниот претседател. „Тој работи многу напорно. Не му требаше ова“.
Трамп наброи неколку примери на расипничко трошење за кои рече дека биле елиминирани со Масковата иницијатива за намалување на трошоците, што предизвика смеа кај републиканците.
„Осум милиони долари за промоција на ЛГБТКИ+ во африканската нација Лесото, за која никој никогаш не слушнал“, рече Трамп.
Демократските пратеници држеа табли на кои пишуваше „Маск краде“ и „лажно“.

Во првите пет минути од обраќањето, Ал Грин од Тексас беше отстранет од салата, откако одби да ги послуша барањата на претседателот на Претставничкиот дом да престане да се буни и да седне.
Додека Трамп зборуваше, другите демократи држеа табли на кои пишуваше „Ова е лага“.
Со оглед на тоа што републиканците ги контролираат Белата куќа, Претставничкиот дом и Сенатот, демократите беа главно без лидери.
Многу демократки пристигнаа во Домот облечени во розови панталони во знак на протест. Десетици од нивната партија – некои од нив со натписот „Спротивстави се“ испечатени на грбот – излегоа од салата за време на говорот.
„Што и да кажам јас, тие нема да бидат среќни“, рече Трамп, изгледајќи како да ужива во партизанскиот гнев.
„Зеленски е спремен да го потпише договорот за минералите“
Најголемата вест од говорот на Трамп дојде кон крајот, кога тој рече дека добил писмо од Володимир Зеленски укажувајќи дека украинскиот претседател е спремен да го потпише договорот за минерали – само неколку дена по конфронтацијата во Овалната соба и Трамповото замрзнување на помошта за земјата.
„Во писмото се вели дека Украина е подготвена да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближиме до траен мир“, рече Трамп.
„Го ценам тоа што тој го испрати ова писмо, штотуку го добив предмалку“, додаде тој.
„Блискиот Исток е суров регион“
Трамп го опиша Блискиот Исток како „суров регион“, но не ја елаборираше својата идеја да ја „преземе“ Газа и да ја претвори во „Ривиера на Блискиот Исток“ – идеја што резултираше со значителен отпор од блискоисточните сојузници, како и од хуманитарните организации.
Тоа беше во спротивност со неговите изјави за Гренланд – за кој рече: „на крај ќе го добиеме“ – и неговото цврсто верување дека долгогодишниот договор за Панамскиот канал е неправеден и дека каналот треба да биде под американска контрола.
Вината ја префрли на Бајден
Од зголемувањето на цените на јајцата до знаците за забавување на економијата, Трамп постојано го обвинуваше својот претходник Џо Бајден, нарекувајќи ја претходната администрација „катастрофа“, а повлекувањето од Авганистан „најдлабоко дно во американската историја“.
За инфлацијата и цените, тој ја префрли вината, а потоа едвај спомена како ќе ја намали инфлацијата и покрај тоа што тоа беше главна тема на кампањата.
И додека Трамп надолго и нашироко зборуваше за царините, рече дека „може да треба мало приспособување“, „ќе има мали нарушувања“ и „само бидете трпеливи со мене“.

„Спасен од Бога“
Трамп се осврна на обидот за атентат во Батлер, Пенсилванија – посочувајќи го семејството на човекот што беше убиен во пукањето како негови гости – и рече дека верува дека бил спасен за да ја „направи Америка повторно голема“.