среда, 22 јануари 2025

Трамп потпиша наредба со која прекинува правото на американско државјанство по раѓање

Американскиот претседател презеде чекор да ѝ стави крај на децениската имиграциска политика позната како државјанство со право на раѓање, наредувајќи укинување на уставната гаранција дека децата родени во САД имаат државјански права без оглед на имиграцискиот статус на нивните родители.

Објавено на

часот

Сподели

Извршната наредба од околу 700 збора, издадена доцна синоќа, е исполнување на нешто за што Трамп зборуваше за време на претседателската кампања, но неизвесно е дали ќе успее бидејќи имиграциските активисти најавија тужби за блокирање на претседателот, пишува агенцијата АП.

Правото на државјанство по раѓање значи дека секој роден во Соединетите Држави може да стане државјанин на САД, без оглед на имиграцискиот статус на родителите. На пример, луѓето што се во САД со туристичка или друга виза или се во земјата илегално може да станат родители на американски државјанин ако нивното дете е родено во САД.

Тоа правило важи со децении и е вградено во 14-тиот амандман на Уставот на САД, велат поддржувачите на регулативата. Но Трамп и неговите сојузници го оспоруваат толкувањето на амандманот и велат дека треба да има построги стандарди за добивање државјанство.

Наредбата на Трамп го доведува во прашање фактот дека 14-тиот амандман автоматски му дава државјанство на секој роден на американско тло.

Амандманот бил создаден по Граѓанската војна и ратификуван во 1868 година. Во него се наведува дека „сите лица родени или натурализирани во Соединетите Американски Држави и што подлежат на јурисдикција на земјата се државјани на САД и на државата во која живеат“.

Во наредбата на Трамп се исклучуваат следните лица од добивање автоматско државјанство – оние чии мајки не се легално во Соединетите Држави и чии татковци не се државјани на САД или законски постојани жители, лицата чии мајки се легално во земјата, но на привремена основа и чии татковци не се државјани на САД или легални постојани жители.

Понатаму им забранува на американските федерални агенции да им даваат државјанства на поединци од овие категории. Регулативата стапува во сила 30 дена од вторник, 19 февруари.

Четиринаесеттиот амандман не секогаш им гарантирал државјанство при раѓање на сите лица родени во САД. На пример, Конгресот им додели државјанство на сите домородечки Американци родени во САД дури во 1924 година, пишува агенцијата АП.

Набргу откако Трамп ја потпиша наредбата, групите за заштита на имигрантите поднесоа тужба за нејзино запирање.

Одделенијата на Унијата за американски граѓански слободи во Њу Хемпшир, Мејн и Масачусетс заедно со други активисти за правата на имигрантите поднесоа тужба до федералниот суд во Њу Хемпшир.

Во тужбата се бара судот да ја прогласи наредбата за неуставна. Се наведува пример за жена идентификувана како „Кармен“, која е бремена, но не е државјанка на САД. Во тужбата се вели дека таа живеела во САД повеќе од 15 години и е во процес на аплицирање за виза што може да доведе до постојан статус. Таа нема друг имиграциски статус, а таткото на очекуваното дете исто така нема имиграциски статус, се вели во тужбата.

„Да им се одзема на децата непроценливото богатство на државјанството е сериозно прекршување. Тие се лишени од полноправното членство во американското општество на кое имаат право“, се вели во тужбата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ