сабота, 27 јули 2024

Трамп победи во Ајова на првите внатрепартиски избори за републиканскиот претседателски кандидат

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп убедливо победи на првите внатрепартиски избори за претседателски кандидат на Републиканската партија во државата Ајова, со што го зацврсти статусот на голем фаворит на десницата за претседателските избори во САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп (77) ги остави далеку зад себе своите главни ривали, гувернерот на Флорида Рон Десантис и поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации Ники Хејли со 51 отсто од гласовите, покажуваат дефинитивните резултати од вчерашниот собир на пратеничката група во Ајова.

Со ова почна повеќемесечната внатрепартиска трка за претседателски кандидат на Републиканската партија на претстојните избори во САД во ноември.

Трамп така е сѐ поблиску до веројатниот финален дуел со демократот Џо Бајден.

Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, конзервативец со шокантни ставови за имиграцијата или абортусот, е втор со 21 отсто од гласовите. Поранешната амбасадорка во ОН Ники Хејли, единствената жена во внатрепартиската трка, е трета со 19 отсто, но смета дека сѐ уште не е поразена и предвидува дека ќе постигне подобри резултати во другите држави.

Четврти со околу седум проценти од гласовите е милијардерот Вивек Рамасвами, кој веднаш објави дека се повлекува од трката и го поддржа Трамп.

Иако претставува помалку од еден процент од населението на САД, сојузната држава Ајова се смета за важна за американската политичка сцена повеќе од 50 години, бидејќи токму од неа доаѓа „првиот тон“ на внатрепартиската изборна сезона.

Доколку поранешниот американски претседател не ја извојуваше очекуваната победа во Ајова, ќе постоеше ризик за неговиот имиџ на непобедливост.

По првите внатрепартиски избори, во обраќањето до неговите поддржувачи собрани во Де Мојн, Трамп рече дека „сега е време за обединување на земјата“.

Веќе следната недела продолжуваат внатрепартиските избори во државата Њу Хемпшир, а потоа ќе се одржат во сите 50 американски сојузни држави до јуни. Во јули се одржува Националната конвенција на републиканците, кога и официјално се именува кандидатот на партијата за претседател.

Дури и сегашниот американски претседател Џо Бајден во повикот за донации призна дека Трамп „во оваа фаза стана јасен фаворит на другата партија“.

И Десантис и Хејли сакаа да го освојат второто место во Ајова, со цел да ги убедат донаторите и гласачите дека тие се алтернативата на Трамп, а гувернерот на Флорида инвестираше многу во кампањата во Ајова, откако ги посети сите 99 окрузи во оваа сојузна држава и потроши милиони долари за рекламирање.

Со овие резултати Десантис и Хејли останаа во трката за идниот претседателски кандидат, пишуваат медиумите.

Во Ајова се одржаа кокуси, или изборни состаноци, кои се еден од двата вида внатрепартиски избори во САД и вклучуваат серија локални состаноци низ сојузната држава, каде што насобраните разговараат за политиката и кажуваат кого би сакале да го видат како претседателски кандидат на својата партија на изборите на 5 ноември.

Друг тип на внатрепартиски избори се класичните предизбори и тие се одржуваат во значително поголем број сојузни држави од кокусите. На овие внатрепартиски избори, гласачите доаѓаат на гласачкото место и на денот на изборите уфрлаат ливче, а може да гласаат и по пошта.

И на кокусите и на класичните предизбори, републиканците избираат делегати за завршната конвенција на партијата во јули во Милвоки, каде што официјално ќе бидат именувани нејзините кандидати за претседател и потпретседател на САД.

Изборите во Ајова се одржаа во услови на многу ниски температури, и до минус 30 степени, но гласачите сепак излегоа и гласаа на повеќе од 1.600 избирачки места.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ