сабота, 27 јули 2024

Трамп одржа митинг во Бронкс обидувајќи се да го придобие својот роден град (ВИДЕО)

Доналд Трамп одржа предизборен митинг во Бронкс во Њујорк во обид да ги освои гласовите на Афроамериканците и Хиспаноамериканците пред претседателските избори во ноември. Тоа е прв митинг на Трамп во Њујорк по осум години.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Републиканскиот претседателски кандидат се обидува да продре меѓу гласачите на етничките малцинства. Неодамнешната анкета на Њујорк Тајмс покажува дека демократот Џо Бајден ја губи поддршката меѓу етничките малцинства во клучните држави.

Бронкс е претежно хиспаноамериканско и афроамериканско соседство и упориште на демократите. Се соочува со многу високи стапки на криминал и се смета за најопасна од петте општини во градот.

Трамп зборуваше пред толпата за својата поврзаност со Њујорк, градот каде што стекна голем дел од своето богатство и слава. „Го инспириравме целиот свет“, рече тој на почетокот на својот приближно 90-минутен говор, но тврдеше дека градот сега „се распаѓа“, опишувајќи го како место кое изобилува со криминал и лоша инфраструктура.

Тој вели дека малцинските гласачи ги чувствуваат економските последици поради одлуките на Бајден и рекордното ниво на мигранти кои ја преминуваат границата меѓу САД и Мексико. „Најголемиот негативен ефект од илегалната имиграција е врз нашето афроамериканско население и нашето латиноамериканско население, кои ги губат своите работни места, ги губат своите домови, губат сè што можат да изгубат“, рече Трамп.

Имаше загриженост за тоа како Трамп ќе биде дочекан во Бронкс. „Посакувам едноставно да исчезне. Никој што го познавам не го поддржува“, изјави еден човек за Њујорк Тајмс пред митингот. Се собраа и контрадемонстранти, но беа отстранети од полицијата.

Имаше и такви кои го поддржаа Трамп, пофалувајќи ја неговата подготвеност да излезе од својата комфор зона. „Ова е храбар потег, неговото доаѓање во Бронкс. Она што го направи овде е за почит“, рече Џефри Дејвис.

Тој објасни дека го поддржува Трамп бидејќи „кога тој беше претседател немаше војни“. Тамар Корниел, поддржувач на Трамп, кој е роден во Доминиканската Република, додаде: „За него Америка е на прво место“.

Бајден и Трамп се во тесна трка пред изборите на 5 ноември. Трамп се повеќе се обидува да допре до малцинските заедници со надеж дека тие можат да направат разлика во клучните држави. Минатиот месец посети продавница во Харлем.

Потоа зборуваше на гала свеченост за афроамериканксата конзервативна федерација, организација која работи на проширување на републиканската поддршка меѓу црните гласачи. Неодамнешната анкета покажа дека Трамп го победува Бајден во пет клучни држави, делумно поради тоа што црните и латино гласачите се оддалечуваат од Демократската партија.

За време на неодамнешното почетно обраќање на претседателот Бајден на Универзитетот Морхаус, историски афроамериканкси колеџ, неколку студенти му го свртеа грбот на претседателот во знак на протест против начинот на кој се води војната во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ