петок, 18 октомври 2024

Трамп: Не знам дали ќе ѝ помогнеме на Европа доколку биде нападната, зависи од тоа како ќе се однесува

Доналд Трамп вчера изјави дека знае кого сака за свој потпретседател во претседателската трка во 2024 година и дека неговата посветеност на НАТО алијансата ќе зависи од тоа како Европејците ќе се однесуваат кон САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп, фаворит за републиканска номинација, беше запрашан од домаќините на Фокс њуз лајв во градското собрание во Де Мојн кој ќе биде кандидат за потпретседател на неговата листа.

„Не можам тоа навистина да ви го кажам. Мислам, знам кој ќе биде“, рече Трамп на собирот републикански гласачи во Де Мојн, Ајова, пет дена пред гласањето за номинација на државата, кое ќе ги отвори изборите за републиканскиот претседателски кандидат.

Потоа беше прашан дали ќе биде отворен за поправување на односите со некој од своите ривали во трката, на што тој одговори: „О, се разбира“.

Аналитичарите шпекулираат дека негов потпретседателски кандидат би можел да биде или Елис Стефаник, сојузничка на Трамп и високо рангирана републиканка во Претставничкиот дом или Ники Хејли, сегашна ривалка која беше амбасадорка во ОН од 2017 до 2018 година за време на Трамповата администрација.

Трамп исто така беше запрашан за неговиот став кон НАТО – прашање што уследи по објавата во средата дека Трамп им кажал на европските функционери, додека бил претседател, дека САД никогаш нема да ѝ помогнат на Европа доколку биде нападната.

„Зависи од тоа дали кон нас ќе се однесуваат правилно“, одговори Трамп на прашањето на водителот на Фокс за неговата посветеност на НАТО. „Видете, НАТО ја искористи нашата земја. Европските земји тоа го искористија.“

За време на својот прв мандат од 2017 до 2021 година, Трамп повеќе пати се судри со традиционалните европски сојузници околу трговијата и трошоците за одбрана.

Трибината на Трамп и Фокс се одржа во градското собрание истовремено кога се одржа и  републиканската дебата во Де Мојн, на која Трамп повторно не присуствуваше за да покаже дека е над своите главни партиски ривали за претседателска номинација, Хејли и гувернерот на Флорида, Рон Десантис.

Според анкетата на Ројтерс/Ипсос спроведена во вторникот, Трамп одржува убедливо водство во трката за партиски кандидат. Анкетата му дава 49 отсто од гласовите на републиканците, пред Хејли со 12 отсто и Десантис со 11 отсто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ