петок, 24 јануари 2025

Трамп: Не сум сигурен дека воопшто нешто треба да трошиме за НАТО

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека САД воопшто треба да трошат нешто за НАТО, велејќи им на новинарите дека САД ги штитат членките на НАТО, но тие „не нè штитат нас“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп ги повтори своите претходни барања другите членки на трансатлантската алијанса да трошат 5 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, што е огромен пораст од сегашната цел од 2 отсто и ниво кое ниту една земја на НАТО, вклучително и Соединетите Држави, во моментов не го исполнува.

„Не сум сигурен дека воопшто нешто треба да трошиме, но дефинитивно треба да им помогнеме. Ние ги штитиме. Тие не нè штитат нас. Треба да ги зголемат трошоците од 2 на 5 проценти“, им рече Трамп на новинарите по потпишувањето извршна наредба во Овалната соба.

Вашингтон финансира 15,8 отсто од годишните расходи на 32-члената воена алијанса од околу 3,5 милијарди долари. Тоа е најголемиот удел, веднаш до Германија, според анализата на НАТО за 2024 година. Индиректниот финансиски придонес на САД во алијансата, која ги вклучува САД, Канада и повеќе од 20 европски земји, вклучува воени сили, но тоа не е дел од годишниот буџет на организацијата.

Вкупниот буџет за одбрана на САД го надминува оној на другите членки на НАТО и изнесува 816,7 милијарди долари во 2023 година.

Новиот државен секретар на Трамп, Марко Рубио, разговараше со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во средата и ја зајакна посветеноста на САД кон алијансата, а двајцата, исто така, „разговараа за важноста да се има способни одбранбени сојузници и вистинска поделба на товарот“, соопшти Стејт департментот.

Претставници на НАТО и аналитичари веруваат дека НАТО нема да го послуша предлогот на Трамп за толку големо зголемување на трошоците за одбрана, но најверојатно ќе се согласи да ја надмине сегашната цел.

Аналитичарите велат дека бројката од 5 проценти би била политички и економски невозможна за речиси сите членки. Сепак, новата цел најверојатно ќе биде договорена на самитот на НАТО во Хаг во јуни, поттикната од стравувањата дека Русија би можела да нападне земја на НАТО по Украина, но и поради инсистирањето на Трамп, изјавија официјални лица.

Некои очекуваат договор за целта на воените трошоци од околу 3 отсто од БДП. Но, дури и тоа би било тешко за многу членови, кои едвај ја исполнуваат, или ако воопшто и ја исполнуваат целта за трошење од 2 отсто во овој момент, една деценија по поставувањето на целта. Осум членки на НАТО не ја исполнуваат сегашната цел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ