сабота, 27 јули 2024

Трамп наводно во паника поради неможноста да обезбеди банкарска гаранција од 454 милиони евра

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е наводно во паника додека му се приближува рокот да обезбеди банкарска гаранција во износ од половина милијарда долари за жалбата која ја вложи на пресудата за измама на државата Њујорк да може да го одложи извршувањето на паричната казна, одредена во истиот износ, а њујоршките правобранители побараа од апелацискиот суд да не паѓа на неговите тврдења дека не може да обезбеди гаранција во тој износ, јавуваат американските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Си-ен-ен, повикувајќи се на извори упатени во неговиот начин на размислување, тврди дека Трамп, кој е најверојатно повторно републикански кандидат за шеф на државата, паднал во „патетична состојба“, но се противи на какво било решение кое би подразбирало поднесување барање за банкрот.

Асошиејтед прес јавува за повикот на правобранителите на државата Њујорк до апелацискиот суд да не ги голта тврдењата на тимот на Трамп дека не може да обезбеди банкарска гаранција вредна 454 милиони долари за да обезбеди одложување на принудната наплата на казната за време на траењето на жалбената постапка.

Адвокатите и брокерите на Трамп соопштија на почетокот на неделата дека тој не може да најде никого кој би можел да му издаде гаранција на толкав износ, но државата Њујорк смета дека поранешниот претседател на САД и останатите кои се казнети со него за мамење на банките и осигурителните компании не ги истражиле сите опции да ги обезбедат средствата.

„Тужените не успеаја да предложат сериозна алтернатива“, наведе Денис Фан, адвокат на њујоршкото правобранителство во документот до Апелацискиот суд на државата Њујорк.

Според него, таква алтернатива би можела да биде обезбедување повеќе помали банкарски обврзници кои во збирот би го дале бараниот износ, или судски надзор над дел од недвижностите на Трамп додека тој се жали на пресудата според која тој и негови соработници, вклучувајќи ги неговите два сина, фабрикувале финансиски извештаи врз основа на кои организации на Трамп добивале заеми и склучувале поволни зделки.

Адвокатите на поранешниот претседател тврдат дека „под околностите кои се претставени не е можно“ да се обезбеди обврзница на 454 милиони долари, дека ентитетите кои издаваат такви обврзници на приватни компании инсистираат да се заложат пари или акции, и дека одбиваа заложување недвижности, а залогот би морал да покрие 120 отсто од износот кој го бара судот – над 557 милиони долари.

Осигурителниот брокер Гари Џулиети, пријател на Трамп, му обезбедува дел од осигурувањето и сведочел за него на суд, под заклетва дал пишана изјава дека „обврзница со толкава вредност ретко се гледа – ако воопшто се гледа“, и дека тие се даваат на јавни компании, додека компанијата на Трамп е приватна.

Меѓутоа, адвокатот на правобранителството Денис Фан смета дека „нема ништо невообичаено во тоа дури и пресуда која гласи на милијарда долари да се обезбеди во полн износ кога се вложува жалба“, и приложи примери на такви случаи, главно компании со чии обврзници се тргува на берза.

Фан побара од њујоршкиот апелациски суд да го одбие барањето на Трамп да се одложи принудната наплата на казната додека тој се жали.

Доколку Апелацискиот суд не го прифати барањето на Трамп, државната обвинителка Летиција Џејмс на 25 март ќе може да тргне во извршување на првостепената пресуда.

Џејмс кажа дека таа ќе почне со запленување на дел од имотот на Трамп ако тој не може да плати.

Еден од адвокатите на Трамп Кристофер Кисе соопшти дека документацијата покажува дека Џејмс упорно оди на „погрешна интерпретација на фактите и погрешна примена на материјалното право во својата политичка крстоносна војна“ против Трамп.

Трамп е лидер на Републиканската партија, а Летиција Џејмс е истакната членка на Демократската партија. Трамп постојано ја опишува како партиски функционер кој се обидува да ја опструира неговата кампања повторно да стане претседател на државата.

„Не ти даваат ни шанса да се жалиш. Бараат да платиш пред да се жалиш. Па ако продадеш имот и успееш со жалбата, тогаш немаш имот“, кажа Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ