четврток, 12 декември 2024

Трамп: Нападите длабоко во Русија „голема грешка“

Украинските напади со западни ракети со среден дострел ги влошуваат работите, изјави новоизбраниот американски претседател.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги критикуваше нападите на Украина длабоко во Русија со употреба на оружје испорачано од Западот, велејќи дека тие само го ескалираат конфликтот меѓу Киев и Москва.

Трамп ова го кажа денеска во интервју за магазинот Тајм, кое го прогласи за личност на годината за 2024.

„Многу жестоко сум против испраќањето ракети стотици милји во Русија. Зошто го правиме тоа?“, реторички праша тој.

Според новоизбраниот претседател, ваквите напади „само ја ескалираат оваа војна и ја влошуваат“.

„Тоа не требаше да се дозволи да се направи… И мислам дека тоа е многу голема грешка, многу голема грешка“, рече тој за нападите длабоко на меѓународно признаената територија на Русија.

Трамп се наврати на прашањето подоцна во интервјуто, велејќи дека „најопасната работа во моментов“ е фактот што „(украинскиот лидер Владимир) Зеленски одлучи, со одобрение од, претпоставувам, претседателот (Џо Бајден), да почне да гаѓа со проектили во Русија“.

„Мислам дека тоа е голема ескалација. Мислам дека тоа е будалеста одлука“, нагласи тој.

Вчера руското Министерство за одбрана објави дека украинските сили истрелале шест проектили АТАКМС обезбедени од САД врз воен аеродром во близина на јужниот руски град Таганрог.

Две од нив беа соборени, а останатите беа пренасочени со помош на електронски воени средства за време на нападот, соопшти Министерството. Паднатите остатоци резултирале со повредени и со помали оштетувања на две згради и неколку возила, се додава.

Во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека одговорот на Русија на нападот врз Таганрог „ќе следува во моментот и на начин што ќе се смета за соодветен. Но тој дефинитивно ќе следува“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ