Програмата амбициозно наречена Следна генерација доминација во воздухот (НГАД) ќе го замени Ф-22 „раптор“ на компанијата Локид Мартин со авион со екипаж дизајниран да може да се бори заедно со дронови.
Трамп го најави името на новиот авион – Ф-47.
„Направивме нарачки за многу авиони. Не можеме да ви ја кажеме цената“, им кажа Трамп на новинарите во Овалната канцеларија.
Акциите на Боинг пораснаа за пет отсто откако американската компанија го победи Локид Мартин за договорот. Акциите на Локид паднаа за речиси седум отсто.
„Нашите сојузници постојано се јавуваат“, додаде Трамп, најавувајќи опција за продажба во странство. „и тие сакаат да ги купат“.
За Боинг, оваа зделка значи пресврт во среќата на компанијата која имаше проблеми и во комерцијалниот и во одбранбениот сектор на работењето.
Локид, од друга страна, претрпе уште еден удар откако беше елиминиран од трката за морнарички стелт ловец за носачите на авиони поради сè поголемото незадоволство од Пентагон поради доцнењето во надградбата на борбениот авион Ф-35.
Во изминатите недели Трамп се сретна со извршниот директор на Локид Џим Таиклет за да разговараат за Ф-35, според три извори.
Договорот за инженерските работи и развојот на производството вреди повеќе од 20 милијарди долари, а победата на Боинг значи дека ќе го прави млазниот ловец и ќе добива нарачки вредни стотици милијарди долари за време на повеќедецениското важење на договорот.
Дизајнот на авионот останува строго чувана тајна, но веројатно ќе вклучува стелт технологија, напредни сензори и најсовремени мотори.
„Во споредба со Ф-22, Ф-47 ќе чини помалку и ќе биде прилагодлив на идните закани, а ние ќе имаме повеќе Ф-47 во нашиот инвентар“, кажа началникот на штабот на воздухопловните сили генералот Дејвид Олвин.
НГАД е замислен како „семејство системи“ фокусирана на ловецот од шестата генерација за спротивставување на противниците како што се Русија и Кина.
Олвин кажа дека Ф-47 ќе има значително поголем дострел, понапредна стелт технологија и дека ќе биде полесно да се обезбеди поддршка за него отколку за Ф-22.
Милијардерот и соработник на Трамп Илон Маск изрази сомнеж во однос на ефикасноста на врвните ловци со екипаж, оценувајќи дека поевтините дронови се подобра опција.