недела, 20 октомври 2024

Трамп најави депортација на имигрантите од Хаити, откако ги обвини дека јадат миленичиња

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп вети дека ќе изврши масовни депортации на имигрантите од Хаити од градот Спрингфилд во Охајо, набргу откако претседателот Џо Бајден повика на прекин на нападите врз заедницата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Спрингфилд е тема во изминативе денови, откако голем број десничарски политичари шират лажни тврдења дека имигрантите од Хаити јадат домашни миленици. Сè беше дополнително влошено од самиот Трамп, кој на дебатата со демократската кандидатка Камала Харис во вторникот рече дека имигрантите во Спрингфилд јадат мачки и кучиња.

„Ќе извршиме масивни депортации во Спрингфилд, Охајо“, рече Трамп на прес-конференција во своето голф одморалиште во близина на Лос Анџелес.

Повеќето од 15.000 Хаиќани во Спрингфилд се таму легално, пишува Ројтерс. Долгогодишното ветување на Трамп дека ќе изврши масовни депортации обично се однесува на оние кои се во земјата илегално.

Две основни училишта биле евакуирани, а средно училиште во Спрингфилд во петокот беше затворено откако втор ден по ред беа примени анонимни закани за бомби.

Бајден од Белата куќа повика на прекин на нападите врз хаиќанската заедница. „Тоа е едноставно погрешно. Нема место за тоа во Америка. Она што тој го прави мора да престане“, рече Бајден.

Трамп ги наведе тензиите во Спрингфилд како уште еден пример за потребата од цврста имиграциска политика. Ројтерс пишува дека приливот на Хаиќаните ја поттикнало локалната економија, но и ги оптоварило социјалните служби.

Водачите на хаиќанската заедница низ Соединетите држави рекоа дека изјавите на републиканскиот кандидат може да ги загрозат животите на луѓето и дополнително да ги разгорат тензиите во Спрингфилд. „Ни треба помош, а не омраза“, изјави градоначалникот на Спрингфилд Роб Ру за Еј-би-си њуз. Градските власти велат дека не добиле конкретни поплаки дека некој јаде миленичиња.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ