Според американските медиуми, ваквото ниво на безбедност обично се користи за актуелните претседатели и потпретседатели, агенцијата одлучила да ги зголеми мерките на настаните на Трамп, откако пред неколку недели вооружен маж пукаше во него и го погоди во левото уво. Во тој атентат загина еден учесник на собирот, а други беа повредени.
Стаклените панели отпорни на куршуми, кои обично се превезуваат со специјални воени авиони за време на претседателските посети, според Ен-би-си њуз, ќе бидат стационирани во различни области низ земјата за да бидат лесно достапни за настаните на Трамп пред ноемвриските избори.
Официјалните лица планираат панелите да го покриваат Трамп од три страни, изјавија извори за Еј-би-си њуз, кој прв го објави ажурираниот безбедносен план.
Висок функционер за Си-ен-ен го опиша целокупниот напор како „значаен потфат кога станува збор за логистика“.
Тајната служба не ги коментираше извештаите, но, наводно, потегот бил во фаза на подготовка дури и пред одлуката на Кимберли Читл да поднесе оставка од функцијата директор на тајната служба, еден ден откако таа сведочеше пред Конгресот за пукањето, среде повиците да се повлече од функцијата.
Додавањето стакло отпорно на куршуми не е единствената мерка што се презема за заштита на поранешниот претседател, бидејќи тајната служба исто така планира да распореди повеќе персонал и да користи технологија за ублажување на безбедносните закани.
Трамп не беше домаќин на ниту еден собир на отворено од обидот за атентат, но изрази желба да продолжи со ваквите настани и да одржи уште еден собир во Батлер, изјавија неговите помошници за Вашингтон пост.
„Сакаме да ги одвратиме луѓето дури и да не помислат да направат нешто вакво повторно“, рече на почетокот на овој месец в.д директорот на тајната служба Роналд Роу.