„’Шалом Хамас’ значи здраво и збогум – имате избор. Ослободете ги сите заложници сега, не подоцна и веднаш вратете ги сите тела на луѓето што ги убивте, или за вас ќе биде крај“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
„Само болни и изопачени луѓе ги чуваат телата, а вие сте болни и изопачени. Му испраќам на Израел сè што му е потребно да ја заврши работата, ниту еден член на Хамас нема да биде безбеден ако не го направите тоа што ви го кажувам“, рече Трамп.
„Штотуку се сретнав со ваши поранешни заложници чии животи ги уништивте. Ова е ваше последно предупредување! За раководството, сега е време да ја напуштите Газа, додека сè уште имате шанса“, додаде Трамп.
„Исто така, до луѓето од Газа: Прекрасна иднина ве чека, но не ако држите заложници. Ако ги држите, вие сте МРТВИ! Донесете ПАМЕТНА одлука. ОСЛОБОДЕТЕ ГИ ЗАЛОЖНИЦИТЕ СЕГА, ИЛИ ПЕКОЛНО ЌЕ ПЛАТИТЕ ПОДОЦНА!“, напиша Трамп.
Соопштението дојде откако Трамп се сретна со група заложници во Белата куќа кои неодамна беа ослободени при прекинот на огнот.
Инаку, ова не е првпат Трамп да му се заканува на Хамас. Во декември тој рече дека „ќе плати пеколна цена“ доколку заложниците не бидат ослободени до моментот кога тој ќе ја презеде функцијата.
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, потврди дека САД директно преговараат со Хамас за да се обидат да обезбедат ослободување на заложниците. Пред разговорите беше консултиран Израел, додаде таа.