среда, 26 март 2025

Трамп му даде на Иран два месеци да се согласи на преговори, Техеран: Засега не се согласуваме

Разговорите со САД повеќе не се можни доколку не се променат одредени работи, кажа министерот за надворешни работи Абас Аракчи, објавија денеска иранските државни медиуми, додека Вашингтон чека одговор на поканата за преговори за нов нуклеарен договор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Техеран доби писмо од американскиот претседател Доналд Трамп овој месец во кое на Иран да му се даваат два месеци да одлучи дали ќе влезе во нови преговори или ќе се соочи со построги санкции во рамки на обновената кампања за „максимален притисок“ на Трамп.

Врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи ја отфрли понудата за преговори како измамничка, а иранскиот министер за надворешни работи во четвртокот рече дека Техеран наскоро ќе одговори и на заканите и на можностите на кои се однесува писмото.

Аракчи денеска додаде дека Иран не се противи на преговорите од „тврдоглавост“, туку како резултат на историјата и искуството, велејќи дека Вашингтон мора да ја рекалибрира својата политика пред Техеран да учествува во преговорите.

Договорот од 2015 година меѓу Иран и големите сили постави строги ограничувања на нуклеарните активности на Техеран во замена за олеснување на санкциите.

Во 2018 година, за време на својот прв мандат, Трамп ги повлече Соединетите Држави од договорот и повторно воведе санкции, а Иран ги прекрши и далеку ги надмина поставените ограничувања во развојот на нуклеарната програма.

„Според мое мислење, пактот од 2015 година во сегашна форма не може да оживее. Тоа не би било во наш интерес бидејќи нашата нуклеарна ситуација значително напредуваше и повеќе не можеме да се вратиме на претходната состојба“, рече Аракчи.

„Истото може да се каже и за санкциите од другата страна. Без разлика, нуклеарниот договор од 2015 година може да биде основа и модел за преговори“, рече тој.

Западните сили го обвинуваат Иран дека сака да развие нуклеарно оружје со збогатување ураниум до 60 проценти чистота, што е над нивоата што се сметаат за оправдани за цивилна програма.

Техеран вели дека развива нуклеарна програма за мирољубиви цели и дека ги почитува своите обврски според меѓународното право.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ