сабота, 27 јули 2024

Трамп: Јас да бев претседател, ќе имаше мир во целиот свет

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера тврдеше дека „слабоста и предавањето“ на претседателот Џо Бајден се виновни за смртоносниот напад со беспилотно летало во Јордан во кој се убиени тројца припадници на американската војска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во објава на Трут соушл, Трамп се осврна на, како што го нарече, „дрскиот“ напад со беспилотно летало во Јордан во саботата.

„Нападот со дрон врз американска база во Јордан, во кој загинаа тројца припадници на американската војска и многу други беа повредени, означува ужасен ден за Америка. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на храбрите војници што ги загубивме“, напиша Трамп.

„Ги замолувам сите Американци да ми се придружат во молитвата за ранетите. Овој дрзок напад врз Соединетите Држави е уште една ужасна и трагична последица на слабоста и предавањето на Џо Бајден…“, продолжи тој.

Во посебна изјава објавена од Трамповата кампања во неделата, поранешниот претседател го пофали своето однесување со Иран додека беше во Белата куќа.

„Пред три години Иран беше слаб, банкротиран и целосно под контрола. Благодарение на мојата политика на максимален притисок, иранскиот режим едвај собра два долари за финансирање на своите терористички сојузници“, напиша Трамп. „Потоа дојде Џо Бајден и му даде на Иран милијарди долари, кои режимот ги искористи за да шири крвопролевање и масакр низ Блискиот Исток“.

Напади врз американските војници на Блискиот исток се случуваа повремено и во мандатот на Трамп, вклучително и во 2020 година, кога во ракетен напад врз воздухопловна база во Ирак загинаа двајца Американци и еден британски државјанин. Во нападот беа ранети и повеќе од 11 лица.

Трамп постојано го обвинува Бајден дека е „слаб лидер“ и тврди дека другите светски конфликти се поврзани со светската перцепција на претседателот и на САД како слаби.

„Овој напад НИКОГАШ немаше да се случи ако јас бев претседател, исто како што никогаш немаше да се случи нападот на Хамас поддржан од Иран, никогаш немаше да се случи војната во Украина и сега ќе имавме светски мир. Наместо тоа, ние сме на работ на Трета светска војна…“, напиша Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ