сабота, 27 јули 2024

Трамп исвиркан на митинг: „Тиранин, тоа си ти“

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп беше неколку пати исвиркан додека се обраќаше на Националната конвенција на Либертаријанската партија, толпата го навредуваше и ја осуди неговата политика против корона вирусот.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Ова беше редок случај Трамп да се соочи со отворено непријателска толпа затоа што е навикнат да зборува на митинзи каде што добива голема поддршка, пренесува Асошиејтед прес.

Трамп ги пофали собраните на конвенцијата како „големи поддржувачи на слободата“ и го нарече американскиот претседател Џозеф Бајден „тиранин“ и „најлошиот претседател во историјата на САД“, на што поединци од публиката возвратиле „Тоа си ти“, наведува агенцијата.

Додека продолжија навредите против него, Трамп рече дека Либертаријанската партија не сака да победи и дека некои нејзини членови сакаат „да продолжат да ги добиваат своите три отсто од гласовите на секои четири години“.

Кандидатот на либералите Гери Џонсон освои околу три отсто од гласовите во 2016 година, а кандидатот Џо Јоргенсен освои нешто повеќе од еден отсто на изборите во 2020 година. Партијата ќе го избере својот кандидат за Белата куќа на конвенцијата што завршува денеска.

Независниот претседателски кандидат Роберт Ф. Кенеди Џуниор одржа говор на конвенцијата на Либертаријанската партија во петокот. Слободарите генерално не го поддржуваат Трамп, а неговата покана да се обрати на конвенцијата предизвика поделби во партијата.

Либертаријанската партија ги промовира граѓанските слободи, анти-интервенционистичката политика и ограничувањето на улогата на владата, според АП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ