Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ѝ нареди на ударната група на носачот УСС Хари С. Труман, која моментално оперира во Црвеното Море, да ја продолжи својата мисија за најмалку еден месец, изјавија двајца претставници на Пентагон кои сакаа да останат анонимни поради чувствителноста на операцијата.
На носачот Труман во наредните недели ќе му се придружат носачот УСС Карл Винсон и неговите придружни разурнувачи како засилување. Винсон претходно учествуваше во воени вежби во Источното Кинеско Море заедно со јапонските и јужнокорејските сили.
Веста за продолжувањето на мисијата првично ја објави УСНИ њуз. Пристигнувањето на Винсон ќе биде вторпат во последните шест месеци САД да имаат две борбени групи на носачи на авиони на Блискиот Исток, но прв откако Трамп се врати во Белата куќа.
Присуството на двата носачи претставува голема прераспределба на ресурсите кон Блискиот Исток во време кога Белата куќа и Пентагон инсистираат американските бродови и авиони да бидат насочени кон Азија. Продолжувањето на мисијата и распоредувањето на дополнителна група ќе има и дополнителни последици за одржување на бродот, што ќе треба да се изврши во веќе преоптоварените поморски бази за поправки.
Откако започна новата кампања против Хутите минатата недела, САД извршија десетици воздушни напади врз цели во Јемен. Претставници на одбраната велат дека се фокусирани на лансирни рампи и капацитети за складирање ракети, како и на командните структури на Хутите.
Претседателот Трамп неодамна на својата платформа Трут соушл изјави дека Хутите поддржани од Иран ќе бидат „целосно уништени“ со американски воздушни напади и го предупреди Техеран „веднаш“ да престане ги снабдувате Хутите со воена опрема.