„Нема повеќе простор за Канада и Мексико“, рече Трамп во Белата куќа. Претседателот додаде дека единствениот начин да се избегнат царините ќе биде канадските и мексиканските производители да го преселат производството во САД. „Тие ќе мора да ги градат своите фабрики за автомобили, искрено, и други фабрики овде во САД. Во тој случај, нема царини“, рече Трамп.
Освен тоа, беше воведена дополнителна царина од 10% за увоз од Кина, поради обвинувањата дека Пекинг не прави доволно за да го запре протекот на фентанил во САД. Со ова вкупните тарифи за кинеските производи се до 20%, со претходните 10% воведени пред еден месец.
Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека Канада веднаш ќе одговори со царини за американските производи во вредност од 30 милијарди долари.
„Денес, по 30-дневна пауза, администрацијата на Соединетите Држави одлучи да продолжи со воведување царини од 25 отсто за канадскиот извоз и 10 отсто за канадската енергија. Да бидеме апсолутно јасни – нема оправдување за овие акции“, рече Трудо.
„Иако помалку од 1% од пресретнатиот фентанил на границата со САД доаѓа од Канада, ние неуморно работевме за да се бориме против ова зло, кое ги погодува и Канаѓаните и Американците. Инвестиравме 1,3 милијарди долари во граничен план со нови хеликоптери, дополнителен персонал, подобра координација и зголемени ресурси за да го запреме протокот на фентанил. Заедно со САД покренавме неколку иницијативи, вклучувајќи поставување Фентанилски цар, означување на меѓународните криминални картели како терористички организации и формирање заеднички оперативни разузнавачки единици. Благодарение на овие напори, заплените на фентанил од Канада се намалија за 97% помеѓу декември 2024 година и јануари 2025 година.“
„Канада нема да остане без одговор на оваа неоправдана одлука. Канада ќе одговори со царини од 25 отсто за стоки од САД во вредност од 155 милијарди долари – со царини за стоки во вредност од 30 милијарди долари веднаш и за преостанатите 125 милијарди долари во следните 21 ден. Нашите царини ќе останат на сила додека не се укинат царините во САД“.
„Поради американските царини, Американците ќе плаќаат повеќе за храна, гориво и автомобили и потенцијално ќе загубат илјадници работни места. Царините ќе ги поткопаат многу успешните трговски односи и ќе го нарушат самиот трговски договор што претседателот Трамп го испреговара за време на неговиот прв мандат“.
Кинеското Министерство за финансии најави воведување царини од 15 отсто за некои американски земјоделски производи, вклучувајќи ги пилешкото месо, пченицата, пченката и памукот. Царина од 10% ќе биде воведена и за други производи, како што се сојата, свинското, говедското, овошјето, зеленчукот и млечните производи. Овие царини ќе стапат во сила на 10 март.
Кинеското Министерство за трговија, исто така, додаде 10 американски компании на таканаречениот „список на несигурни ентитети“ и 15 американски субјекти на списокот за извозни ограничување. Помеѓу американските компании на мета на Кина, издвоена е американската биотехнолошка компанија Илуминиа, за која Пекинг тврди дека применува „дискриминаторски мерки против кинеските компании“. Од 4 март ѝ е забрането да извезува уреди за секвенционирање гени во Кина.
Илуминиа „сериозно ги прекршува легитимните права на кинеските компании“, соопшти кинеското Министерство за трговија. Помеѓу 15-те субјекти додадени на листата на кинески ограничувања за извоз се компании од воздухопловството, поморското инженерство и секторите за вештачка интелигенција.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум му порача на Трамп дека „Мексико заслужува почит“. „Соработка и координација, да. Подреденост, никогаш“, рече Шејнбаум.
Трамп, исто така, најави царина од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум, што треба да стапи во сила на 12 март, како и можност за реципрочни царини за поединечни земји, вклучително и царини од 25 отсто за Европската Унија.