Гренел беше амбасадор во Германија за време на првата администрација на Трамп, специјален пратеник за преговорите меѓу Србија и Косово и вршител на должноста директор на Националната разузнавачка служба.
Трамп размислуваше да го номинира за нов државен секретар, но на тоа место одлучи да го назначи сенаторот од Флорида, Марко Рубио.
„Рик (Ричард Гренел) ќе работи на некои од најжешките точки во светот, вклучително и Венецуела и Северна Кореја“, напиша синоќа Трамп во објава на својата платформа Трут соушл.
За време на првото претседателствување на Трамп, за Гренел беше наведено дека понекогаш користи спорен пристап во дипломатијата, што ги иритираше сојузниците и влијателните надворешнополитички кругови во Вашингтон, но неговиот стил беше ценет од американскиот претседател, кој смета дека отворениот дијалог со сојузниците е вредност.
„За време на мојот прв мандат, Рик беше американски амбасадор во Германија, вршител на должноста директор на Националната разузнавачка служба и претседателски пратеник за преговорите меѓу Косово и Србија“, потсети Трамп на својата мрежа.
Тој додаде дека Гренел ќе продолжи да „се бори за мир преку сила“ и секогаш ќе ја става Америка на прво место.
Гренел остана близок со Трамп кога тој ја напушти функцијата во 2021 година, повремено работејќи како негов клучен советник за надворешна политика.
Тој беше во собата со Трамп кога се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во септември. Гренел се залага за мировен договор кој ќе ја зачува украинската територија, а истовремено ќе дозволи „автономни региони“ да останат под руска контрола.
Тој, исто така, советуваше против проширувањето на НАТО на Украина, велејќи, како и Трамп, дека алијансата не треба да се шири додека сегашните членки не ги исполнат своите цели и не се вклопат во буџетот. Членките на НАТО ветија дека ќе одвојат два отсто од БДП за одбраната, но неколку земји сè уште трошат помалку од тоа.