Поранешниот американски претседател со недели разговара со соработниците за идејата за таква комисија која би направила ревизија на владините операции, изјавија извори за Ројтерс.
Сега тој јавно ја изнесе идејата за прв пат, во говор во њујоршкиот Економски клуб во четвртокот.
Тоа е, исто така, прв пат Трамп да објави дека Маск прифатил да го води тоа тело.
Тој не наведе како ќе функционира ваквата комисија, освен дека ќе донесе план за елиминирање на „измама и неправилни плаќања“ во првите шест месеци од своето постоење.
„Според советот на Илон Маск, (…) ќе формирам комитет за ефикасност на владата што ќе спроведе сеопфатна финансиска ревизија и преглед на делувањето на целата федерална влада, по што ќе даде препораки за драстични реформи“, рече републиканецот.
На 19 август, Маск во подкаст рече дека е во разговори со Трамп на оваа тема и дека е заинтересиран да се приклучи на комисијата.
„Подготвен сум да ѝ служам на Америка доколку се укаже можност“, напиша Маск на својата платформа Икс во четвртокот.