петок, 26 јули 2024

Трамп дефинитивно одби да ги поддржи ограничувањата на абортусот на федерално ниво во САД

Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, кој сосема извесно повторно ќе биде републикански кандидат за таа функција, изјави дека ограничувањето на правото на абортус треба да им биде препуштено на сојузните држави, а не тоа да се прави со сојузен закон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со пораката на Трамп преку видео снимка, ставена е точка на повеќемесечните шпекулации и измешани пораки.

Неговото вчерашно одбивање да ја поддржи идејата за забрана на абортусот на ниво на целата земја веднаш наиде на осуда на најголемиот застапник за укинување на правото на абортус, организацијата СБА про-лајф Америка.

„Мојот сегашен став е дека абортусот се наоѓа точно таму каде што секој сакаше тој да се наоѓа од правен аспект – поединечните држави за него ќе одлучуваат на избори или со закон, или можеби и на едниот и на другиот начин, и што и да се одлучи мора да стане обврзувачко правило – во овој случај, обврзувачко правило на ниво на поединечната држава“, кажа Трамп.

Во видео-пораката која ја објави на својата социјална мрежа Трут соушал, Трамп не кажа од кој момент во бременоста абортусот би требало да биде забранет. Ако го направеше тоа, оценува Асошиејтед прес, демократите, кои го бранат правото на абортус, би го искористиле против него пред ноемвриските избори на кои тој сака да учествува како претседателски кандидат на републиканците.

„Во многу држави ќе биде поинаку. Многу ќе имаат различен број недели, или некои ќе бидат поконзервативни од други, и така ќе биде. На крајот на краиштата, сè зависи од волјата на народот“, порача Трамп, кој во изјавата си ја присвои заслугата за соборувањето на судскиот преседан од 1973 година врз основа на кој правото на абортус половина век се сметаше за уставно право на секоја жена во САД.

Тој преседан, познат како Ро против Вејд, беше соборен во 2022 година со одлука на конзервативното мнозинство од судиите на Врховниот суд на САД, а тоа мнозинство беше формирано кога Трамп беше претседател на државата и ги предлагаше врховните судии.

По таа одлука во конзервативните држави во помала или поголема мера правото на абортусот е ограничено или целосно забрането, а борците за „правото на живот“ се залагаат ограничувања да се воведат на сојузно ниво.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ