Трамп во вторникот кажа дека државите-членки на Северноатлантскиот сојуз би требало да издвојуваат за одбрана пет отсто од БДП, што е многу повеќе од сегашните два отсто и е износ што не го издвојува ниедна членка, па ни САД.
Изјавата на Трамп, дадена на конференцијата за новинарите на која предизвика бура и со изјавите за Гренланд, Канада и за Панама, потсети на неговиот фокус на потрошувачката за одбрана во системот на НАТО за време на неговиот прв мандат и на неговите закани дека нема да ги заштити сојузниците што нема да ја исполнат зададената цел.
Меѓутоа, НАТО се согласува дека издвојувањата треба да се зголемат.
Функционерите на државите-членки на НАТО рекоа дека се согласуваат дека потрошувачката за одбрана треба да се зголеми, но не го поддржуваат износот од пет отсто од БДП-то, кој според аналитичарите би бил политички и економски неизводлив за повеќето членки и би значел стотици милијарди американски долари дополнителна потрошувачка.
Но новиот износ веројатно ќе биде договорен на самитот на НАТО во Ден Хааг во јуни поради стравот дека Русија би можела да нападне некоја членка на НАТО по Украина и Трамповиот притисок, рекоа функционерите.
Клучни отворени прашања се колкав ќе биде тој нов износ и дали тоа на Трамп ќе му биде доволно.
Некои очекуваат дека 32-те држави-членки на НАТО ќе договорат износ од околу три отсто од БДП-то. На многу членки и тоа би им било многу зашто уште не го исполнија или одвај го исполнија износот од два отсто десет години откако е одреден.
„Изгледа дека ќе се случи помрднување“, рече италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето за Ројтерс. „Мислам дека нема да биде пет отсто што сега би било невозможно речиси за секоја нација на светот, но… нема да биде два отсто, што веќе тешко го исполнуваме, но ќе биде повеќе од два.“
Италија за одбрана издвојува околу 1,5 отсто од БДП-то и спаѓа меѓу осумте држави-членки на НАТО што не го исполнуваат износот од два отсто.
Полска, која граничи со Украина, издвојува најмногу за одбрана од сите членки на НАТО. Минатата година за одбрана потроши 4,12 отсто од БДП-то, според проценките на НАТО. Следна е Естонија со 3,43 отсто, па САД со 3,38 отсто.
Според проценките на НАТО, државите-членки издвоија за одбрана во 2024 година 1.474 билиони американски долари – САД околу 968 милијарди, а европските земји и Канада 507 милијарди долари. Вкупниот просек е околу 2,71 отсто од БДП-то на НАТО.
Некои функционери и аналитичари сметаат дека Трамповиот предлог од пет отсто е намерно висок за да почнат преговори и очекуваат дека би можел да се согласи на околу три отсто.
Во предизборната кампања минатата година Трамп предложи износ од три отсто, додавајќи дека тоа би значело зголемување на пресметката за одбрана од околу 30 отсто за повеќето држави-членки.
Фенела Мекгерти, експертка за одбранбена економија при Меѓународниот институт за стратегиски студии, рече дека неодамнешните зголемувања на потрошувачката за одбрана беа исклучителни, но и дека се потребни години за да се остварат новите цели.
„Дури Европа и да продолжи со овој ритам на навистина извонреден пораст – повеќе од 10 отсто во реална смисла во 2024 година – сепак би требале уште 10 години да се постигне три отсто од БДП-то“, рече таа.
Франција и балтичките земји се залагаат ЕУ заеднички да се задолжи заради одбраната. Резултатот на оваа дебата би можел да зависи од парламентарните избори во Германија следниот месец. Берлин засега се противи на оваа идеја.