„Ако навистина го „убијат претседателот Трамп“, што секогаш е можно, се надевам дека Америка ќе го збрише Иран, ќе го збрише од лицето на Земјата. Ако тоа не се случи, сите ќе ги сметаат американските лидери за страшливци“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа Трут сошал, споделувајќи и дел од говорот на Нетанјаху.
Американските медиуми јавија минатата недела дека американската Тајна служба го засилила обезбедувањето на Трамп пред неколку недели откако властите дознале за наводен ирански заговор да го убијат. Тој наводен ирански план не е поврзан со неодамнешниот обид за убиство кога 20-годишен Американец пукаше во Трамп за време на предизборен собир.
Односите на Вашингтон и Техеран долго време беа напнати и достигнаа точка на кршење откако САД го убија командантот на иранската Револуционерна гарда Касем Сулејмани, во напад со дрон во Ирак кој го нареди Трамп додека беше шеф на Белата куќа.
Трамповата порака потсетува на контроверзна епизода од 2019 година, кога Трамп како претседател се закани дека ќе го збрише Иран ако земјата изврши напад на „што било американско“.