петок, 19 април 2024

Трајна поставка за Споменикот на природата Вевчански извори и планината Јабланица

Еко-свест во соработка со Општина Вевчани денеска ја отвори трајната поставка за природа насловена „Патување низ природните богатства на Вевчански Извори”. Поставката се наоѓа во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани и има за цел промоција на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански извори и планината Јабланица, преку едукација и подигнување на јавната свест.

Објавено на

часот

Сподели

„Трајната поставка ќе биде и еден вид на едукативен центар при посета на Вевчани од основните и средните училишта со цел спроведување на еднодневни екскурзии, како и за туристите, студентите и сите љубители на природата. Трајната поставка треба да претставува и наша определба за заштита не само на Споменикот на природа Вевчански извори туку и на целата планина Јабланица“, изјави Дарко Ќитаноски, локален проектен координатор на Еко-свест во Вевчани.

Поставката изобилува со забавни и едукативни содржини за сите возрасти и е изработена на македонски и англиски јазик. Таа овозможува запознавање со природните вредности и реткости на подрачјето. Преку интерактивни игри кои се направени посебно за најмладите, поставката ќе даде извонредна можност за едукативни активности за основните училишта од регионот и пошироко. Во комбинација со едукативните активности во природа, како и акциите со граѓанска наука, оваа изложба го комплетира едукативното искуство и за средношколците и возрасните љубители на природата.

„Ги покануваме сите училишта, студенти, туристи и посетители да ја посетат трајната поставка и да уживаат во нејзините содржини. Имаме со што да се пофалиме и на што да се гордееме и тоа со радост го споделуваме, а сега и го овековечивме со оваа трајна изложба“, рече Наум Илиески, локален координатор на Еко-свест во Вевчани.

На свеченото отворање беа присутни голем број чинители од заедницата, а на настанот се обрати градоначалникот на Општина Вевчани Спасе Кочовски и извршната директорка на Еко-свест Ана Чоловиќ Лешоска. Свое обраќање имаше и директорката на Prespa Ohrid Nature Trust, Мирјам де Конинк, фондацијата која го поддржа креирањето на оваа трајна поставка.

Поставката е изработена и поставена од Еко-свест како дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански извори” спроведуван од Еко-свест – финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONТ.

Цел на проектот е да се постигне долгорочна заштита на Споменикот на природата „Вевчански извори“ и просперитет на локалната заедница преку практики за одржливо управување со природните вредности на заштитеното подрачје. Со спроведувањето на овој проект работиме на подигнување на јавната свест преку едукација, подобрување на инфраструктурата за посетители, следење на клучни видови во подрачјето како и привлекување на повеќе посетители во подрачјето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ