Тројца јавни обвинители вршат увид на местото на пожарот во Кочани и ги прибираат сите потребни докази.
Коцевски најави повеќе информации по завршување на увидот, ќе се издадат наредби и бидат сослушани повеќе лица.
„Можам да гарантирам дека истрагата ќе биде навистина целосна, брза. Ќе ангажираме вештаци од сите области така што ќе ги видиме причините и ќе видиме чија е одговорноста“, рече Коцевски.
Обвинителот кажа дека во моментот јавните обвинители издаваат наредби во однос на одговорноста како хоризонтална, така и вертикална и евентуалните лица што можат да бидат инволвирани и да има одговорност во овој настан.
Коцевски не откри колку лица досега се приведени, посочувајќи дека во текот на денот и за тоа ќе биде информирано.
„Откако Јавното обвинителство е известено формиравме тим од петмина јавни обвинители, со тоа што двајца јавнио обвинители од ОЈО Скопје, еден јавен обвинител од ОЈО Штип и двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани. Дел од обвинителитре се на терен, а другиот дел издаваат наредби за одредени процесни дејства“, посочи обвинителот.
Коцевски изрази сочувство до семејствата на загинатите, до граѓаните на Кочани и до целиот македонски народ.
„Се работи за голема трагедија“, рече тој.
Во пожарот во дискотека во Кочани ноќеска загина 51 лице, а според досегашните информации, 118 се повредени.