вторник, 10 декември 2024
Министерот во ТВ-гостувања

Toшковски: Само Македонија може да прогласи невалидност на пасош, освен ако не правиме харакири

Нема никакви меѓународни пречки македонскиот пасош со старото уставно име да важи, бидејќи единствено Македонија може да прогласи валидност или невалидност на патната исправа, изјави техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на ТВ Сител.

Објавено на

часот

Сподели

Важност или неважност на пасошот како патна исправа може да прогласи единствено оној што го издал овој личен документ, а тоа е македонската држава, нагласи министерот.

„Единствено ако си направиме харакири и прогласиме неважност“, рече Тошковски.

Тој упати молба до сите фактори во земјава, како и до медиумите и граѓаните, ова прашање да се издигне и објасни и како тема да се крене на највисоко ниво.

Тошковски упати порака и до министерот за надворешни работи, Бујар Османи, именувајќи го според неговата професија.

„Докторот не разбира меѓународно право, ниту јас се дрзнувам како правник и адвокат, со искуство во овој дел, дека го разбирам меѓународното право во целост. Но со добра консултација и координација може да се истурка и оваа работа, како што денеска се истурка и проблемот со возачките дозволи“, рече Тошковски.

Во гостување пак, на ТВ Телма, вечерва министерот рече дека за пасоши има околу 15.000 обрасци, а се фотографирани околу 100.000 лица, од кои околу 60.000 се обработени и одобрени и внесени во рамките на системот за производство. Во околу 30.000 случаи граѓаните се фотографирани, но не им е одобрена постапката за да влезат во систем, односно чекаат кога ќе стигнат обрасци да се произведат, рече Тошковски.

На располагање, додаде, заклучно со вчера имаше под 5.000 тип А и околу 10.000 тип Б, тоа значи под 5.000 примероци за да се испринтаат на македонски јазик, а 10.000 на албански јазик.

На прашањето како ќе одат нарачките министерот рече: „Со Господ напред“.

Што се однесува на возачките дозволи, испечатени се околу 525.000 примероци, тоа се активни возачки дозволи, кои не се дуплираат.

„Со старото име во важност се 272.000 возачки дозволи. Тоа се важечки возачки дозволи, кои не се обновени со новото име и сега со законските измени за безбедност во сообраќајот тие ќе важат до 31.12.2024 година“, рече Тошковски.

„Во наредниот период очекуваме да се набават уште околу 160.000, коишто треба да стигнат заклучно со март, а понатаму планираме да го зголемиме бројот на возачките дозволи што ќе се печатат. Бројот што е потребен да се задоволи врз основа на тоа што е издадено до сега, во целост ќе го завршиме до крајот на годината“, додаде тој.

Тој рече дека за регистарските таблички околу 350.000 налепници се дистрибуирани до станиците за технички преглед.

На прашањето дали тоа ќе бидат фрлени пари или ќе се промени правилникот од 2019, изменет во 2020 и 2023 година, според кој министер за внатрешни работи не смее ниту да дистрибуира, ниту да лепи налепници НМК, Тошковски одговори дека службите во МВР моментално изработуваат нов правилник, кој веднаш ќе биде потпишан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ