„Тие се осомничени за предизвикување општа опасност и кривично дело ‘тешки дела против општата сигурност’. На јавноста ќе ѝ се згрози кога ќе види дека повторно, по не знам кој пат, причината за овие незаконитости е мито и корупција. Биле издавани документи спротивно на сите правила. Корупцијата ја уништи Македонија, на крај се доведовме на дереџе да изгубиме 60 млади луѓе. Мора да бидеме максимално посветени, за еднаш засекогаш да покажеме дека имаме капацитет, согласно закон, да ја овозможиме правдата“, рече Тошковски во интервју за ТВ Сител и додаде дека се преземаат дејствија за целосно утврдување на фактичката состојба.
Министерот кажа дека го разбира гневот, очајот и разочараноста на граѓаните, но потенцира дека „мораме да сме разумни и да работиме согласно закон и да преземаме дејствија кои ќе нè доведат до правда“.
„Преку неправда никогаш не можете да стигнете до правда. Мора да сме разумни и да повикаме на разум. Мора да дозволиме МВР, заедно со сите други институции кои имаат надлежност за истражување, а особено ОЈО, да си ги сработат оние работи кои мора да ги сработат. Брат да ми е, каква било врска да има со ова, ќе одговора! Јавноста ќе има прилика да види дека има разлика помеѓу постапувањето од порано и сегашното. Нема да е крив ‘пајакот’ или кабелот. Секој кој учествувал и сторил незаконитост ќе одговара“, кажа Тошковски.
Како што прецизираше,проверки се вршат во МВР, воДржавниот пазарен инспекторат, во Државниот инспекторат за труд, во Дирекцијата за заштита и спасување и кај правни лица кои имале овластување да потпишат одредени документи и при тоа незаконски ги изработиле тие документи.
„Во еден од нив, некој што го потпишал, утврдено е дека ‘Пулс’ ги исполнува сите пропишани услови. Станува збор за непрофесионално, неморално, нечесно и коруптивно поведение, кое е врежано во државните и приватните институции. Нема да има милост за никого. Секој кој придонел директно или индиректно, ќе одговара. Нема да е како во случаите досега. Корупцијата ни го изеде општеството. За сите кои ќе утврдиме дека не презеле соодветни дејствија, кои се преземени или не се преземени за конкретните лиценци…, мислења, дозволи, легализација…, ќе постапиме соодветно“, нагласи Тошковски.
Освен тоа, министерот потенцираше дека мора да се почитуваат законите и додаде дека како нација немаме култура да ги почитуваме законите. Ако не ги почитуваме законите, ќе си ја уништиме државата.
„Има страшна незаконитост, страшна корумпираност и сташно непочитување на сè она што би требало да биде правило на игра“, рече Тошковски и повика на разум во општеството за да им се дозволи на органите на прогон да си ја сработат својата работа, за „на крајот да си ја нормализираме државата“.
Во пожар во клубот „Пулс“ во Кочани што избувна на 16 март околу 2:35 часот за време на концерт на групата ДНК животот го изгубија 59 млади лица, а 155 се повредени.