сабота, 27 јули 2024

Тошковски незадоволен од условите во кои работи полицијата, Бојмацалиев вели, таа е европска и модерна (ВИДЕО)

Кога дојдов на позицијата министер се соочив со недостоинствени услови за работа на полицијата, рече меѓу другото денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција. Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев пак рече дека полицијата е европска и модерна и дека МВР е најтранспарентна институција. За директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Сашо Тасевски полициската професија е симбол на пожртвуванос, одговорнос и храброст.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Во скопската општина Аеродром денеска се одржа централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција  7-ми Мај, со обраќања на раководството во МВР, како и изложба и презентација на опрема на различни полициски единици.

На настанот присутвуваа и министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев. И двајцата изнесоа свои видувања за условите за работа на полицијата и предизвиците на професија, упатувајќи честитки до вработените и нивната посветеност на работата.

Тошковски рече дека кога дошол на позицијата министер се соочил со недостоинствени услови за работа на полицијата, но и неизмерна желба за професионално и чесно вршење на должноста полицаец.

„Краток период, но и повеќе од доволен сум во оваа институција за да увидам дека има луѓе кои работат за доброто на татковината. Токму затоа во очи на престојните избори можам да кажам само едно големо благодарам на службениците кои на каков било начин беа вклучени во изборниот процес. Исто така, во овие 100 дена имав можност непосредно и конкретно да се уверам не само во обемот на одговорноста и во важноста на полициската работа туку и генерално во севкупното повеќеслојно значење на оваа институција“, истакна Тошковски.

Бојмацалиев, пак, во обраќање посочи дека изминатиот период институцијата МВР од затворена и нетранспарентна прераснала во најтранспарентна.

„Изминатиот период беше вложено посветеност, знаење, труд, кадровска и техничка надградба. Сѐ ова го направивме како во насока на континуирано следење на трендовите во полициското работење, така и во насока на максимална ефективност и ефикасност во функционирањето на сложениот безбедносен систем. Современото демократско општество е подложно на динамични континуирани промени и прилагодувања во обид да биде во чекор со современите текови, така и полициската професија секојдневно е соочена со безброј предизвици, кои се трансформираат надградуваат соочувајќи нѐ со потреба од нови и креативни решенија“, изјави Бојмацалиев.

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Сашо Тасевски упати честитка до полициските службеници, пензионирани и идни полицајци, вработени во МВР по повод 7 Мај – Денот на полицијата порачувајќи им на колегите да бидат пример за полициската професионалност и ефикасност во служба на граѓаните.

„Овој ден, 7 Мај – Ден на полицијата, кој од срце ви го честитам, за мене претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста и храброста. Тоа се карактеристики што мора да ги развива секој еден кој положил заклетва пред полициската униформа. Во ваши раце се неселективната борба против криминалот и корупцијата и бескомпромисното владеење на законите, а континуираното зајакнување на воспоставениот концепт на партнерство помеѓу граѓаните и полицијата носи сѐ подобри резултати во спречување на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет“, се наведува во честитката објавена на неговиот официјален фејсбук профил.

Тасевски подвлекува дека полициската професија е одговорност и чест и оддаде почит на колегите кои се жртвувале во извршувањето на службата.

„Полициската професија значи огромна одговорност, но и посебна чест, бидејќи токму вие ја ставате безбедноста на другите пред сопствената, грижејќи се за посигурен и побезбеден живот на сите граѓаните на Македонија. Притоа, речиси и да нема работен ден да нѐ покажете уште една ваша доблест – храброста, соочувајќи се со крајно ризични ситуации, ситуации во кои, за жал, некои го дадоа најскапоценото – сопствениот живот. Затоа на овој посебен ден оддаваме и длабока почит на нашите колеги кои денеска ги нема во нашите редови. Нивната жртва никогаш нема да биде заборавена, а она што ни го оставија во наследство претставува инспирација за сите нас, инспирација за идните полициски службеници“, пишува во честитката на фејсбук статусот.

Тој со порака до колегите да бидат пример за полициската професионалност во корист на граѓаните.

„Почитувани колеги, погрижете се да продолжите со силна мотивираност да ги оправдате очекувањата на колегите кои се веќе во пензија, а биле пример за полициската професионалност, да бидете што поефикасни, во полза на сите наши граѓани. Би сакал уште еднаш, почитувани колеги, искрено да ви го честитам нашиот професионален празник – Денот на полицијата и на сите вработени во МВР да ви посакам здравје, успех, просперитет и уште подобри професионални резултати. Да живее македонската полиција!“, пишува на фејсбук директорот на БЈБ Тасевски.

По воведните обраќања, од страна на раководството на МВР беа доделени благодарници и признанија на најдобрите полициски службеници од различни полициски организациони единици за промоција на професионализмот и реализирани оперативни активности.

Свечената церемонија по повод одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција, беше збогатена и со културна-уметничка програма со настап на познати македонски изведувачи.
Претходно, во текот на денот, а во чест на загинатите припадници на МВР, беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во базата Брест, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица Тигар во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот Жена борец.

На одбележувањето на Денот на македонската полиција присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во државава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ