Како што информира Министерството за внатрешни работи, Тошковски порачал дека граѓаните треба да се чувствуваат безбедни и да ја поминат новогодишната ноќ во пријатна атмосфера, мирно и достоинствено и дека полицијата е присутна и будно ќе ја следи состојбата во насока на одржување на јавниот ред и мир.
„Огромна благодарност до македонската полиција, до секој македонски полицаец којшто моментално не е со своето семејство во својот дом, туку е на терен помеѓу македонските граѓани на местата каде што се прославува новогодишната ноќ. Покрај полициските службеници од сите сектори кои се на терен, имаме полициски службеници и од сообраќајната полиција како во рамки на СВР Скопје така и во рамки на сите останати сектори за внатрешни работи низ Македонија. Присутни сме и контролираме, ќе бидеме будни како македонска полиција и ја користам оваа прилика да испратам апел до сите наши граѓани, посебно до оние кои оваа вечер ќе слават и ќе консумираат алкохол, да не управуваат моторно возило, како и да не користат пиротехнички средства кои што би можеле да нанесат повреди“, изјавил Тошковски.