Во рамки на посетата министерот направил кратка обиколка на центарот, ја посетил спомен собата на ЕБР и оддржа работен состанок со поширокото раководство на двете единици.
„Од страна на командантите на двете Единици бев запознаен со структурата и делокругот на нивната работа и во тој поглед ЕБР е Единица која постапува главно за воспоставување на јавниот ред и мир при спортски натпревари, јавни манифестации и масовни демонстрации, при справување со вооружени и екстремистички криминални банди во планински и рурални средини, при апсење на опасни лица, а дава асистенција и на други организациски единици во МВР, но и на други институции. Исто така, беше потенциран проблемот со трендот на намалување на бројот на припадници на Единицата и се помалиот интерес за работа што во иднина може да го доведе во прашање високото ниво на ефикасност во нивната работа. Од аспект на опрема потребен е континуитет во набавката на опрема и возила кои недостастуваат во последниот период“, подвлекол министерот Тошковски.
Како што стои во денешното соопштение од МВР, што се однесува до ЕОП оваа Единица е сочинета од 3 батаљони кои се сочинети од редот на редовните полициски службеници низ Секторите за внатрешни работи. Нивниот делокруг на работа, велат од министерството, е главно при нарушен ЈРМ од поголем обем и давање на поддршка и спроведување на обуки за другите организациски единици во Министерството.
Од страна на министерот Тошковски била изразена благодарност за професионализмот што го покажаа во контекст на изборите и кој овозможи да имаме безбеден изборен ден и потенцираше дека во иднина секогаш ќе дава поддршка на специјалните единици бидејќи тие се првиот столб за заштитата и зачувувањето на безбедноста и суверенитетот на државата.