понеделник, 6 јануари 2025

Тошковски им се извини на велешани за затворањето на мостот во Башино село

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска заедно со премиерот Христијан Мицковски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, градоначалникот на Велес Марко Колев и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски беа на увид на состојбата на мостот кај Башино село. Целта на посетата беше да се координираат институциите по добиениот извештај од Градежниот факултет до ЈПДП дека мостот кај Башино село е во многу лоша состојба заради што се забранува секаков вид сообраќај, информираа од МВР.

Објавено на

часот

Сподели

Притоа, министерот Тошковски упати извинување до граѓаните на Велес кои, како што рече, ќе мора да бидат трпеливи со цел да се надмине оваа состојба, бидејќи претходната централна власт, до која биле упатувани апели уште во 2018 година за проект за санација на овој мост, оставила штетата толку да се зголеми што сега има неминовност од затворање на мостот на неколку месеци, сѐ до негова конечна санација.

„Министерството за внатрешни работи во моментот преку специјалните единици учествува во подводни снимања на мостот со што ќе овозможи видео материјал за Градежниот факултет да направи брз проект за санација и пуштање во употреба на мостот за сообраќај што се очекува да заврши за 60 до 90 дена. Во меѓувреме сообраќајот, кој нема да се одвива преку овој мост, ќе биде пренасочуван преку Велес, а полицијата постојано ќе го регулира сообраќајот со посебни режими со цел да не се наруши текот на сообраќајот и да нема застои во движењето на возила низ градот Велес“, рече Тошковски.

Тој ги повика граѓаните на Велес и сите други да ги почитуваат насоките на полициските службеници кои ќе учествуваат во регулацијата на сообраќајот. Во меѓувреме, додаде Тошковски, паралелно на проектот за санација на овој мост, се планира проект на нов мост во близината на постојниот, чија изградба треба да почне во втората половина на годината после завршувањето на тендерските постапки и изборот на изведувач.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ