сабота, 27 јули 2024

Тошковски: Џафери не ми дава да поставам нов началник на полицијата во Тетово

Има голема загриженост кај меѓународната заедница откако им посочив дека тоа што со закон ми е загарантирано мене и на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи не ни се исполнува, изјави Панче Тошковски за ТВ Канал 5.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние по закон можеме да поставиме 15 началници и заменици и сите 15 мора да бидат со два потписи. Сите мои предлози добија потпис од дополнителниот заменик министер, но од Влада не го одобрија само предлогот за Тетово. Кога прашав зошто, ми рекоа дека писмено ќе ми биде образложено, но никогаш не добив образложение“, вели Тошковски.

Тој додаде дека за ова ја информирал и меѓународната заедница и побарал за време на изборите посебен акцент да се стави на Тетово и регионот. „Техничката Влада е за фер и демократски избори, но со актуелниот началник на СВР Тетово не можам да гарантирам за овој регион. За Тетово и Гостивар не важи законот? Само за Велес, Битола, Струга, Охрид… Ама за Тетово и Гостивар не важи законот. Зошто? Оти така му текнало“, додаде Тошковски.

Министерот јавно го повика премиерот Талат Џафери да ја образложи ваквата одлука.

„Ова е незаконски. Што ќе ни е техничка Влада тогаш? За да дојде министер од ВМРО-ДПМНЕ и да се занимава со пасошите“, рече Тошковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ