Градоначалникот на Тирана Ерион Велиај, опкружен со многу дечиња облечени како Дедо Мраз и пеејќи празнични песни ги запали светилките на големата новогодишна елка.
„Ве поканувам сите да го запалите доброто светло во себе, да правите добри дела за семејството и државата. Многу важно е сите да бидеме посолидарни, со љубов меѓусебно да си помагаме, особено овој месец на празници. Важно е овие празници да покажеме бескрајна љубов и да продолжиме со убава мисла и во новата година“, порача тој.
Велиај побара од граѓаните на Тирана да поканат што повеќе нивни роднини и пријатели, кои се во или надвор од државата, но и до странците, да ги поминат празниците во главниот град.
Елката во Солун, исто како и лани, пристигна од планинско село од Халкидик, поставена е на плоштадот „Аристотел“ и е украсена со 100.000 светлечки лед лампиони.
Манифестацијата за осветлување на новогодишната елка ја отвори Филхармонијата на општина Солун, по што следеше и концерт на познат грчки пејач.
Солунскиот градоначалник, кој го притисна копчето за да се запалат сијаличките на елката им ги честиташе празниците на присутните и изрази благодарност до вработените во општината, како и до спонзорите кои ги поддржуваат празничните настани.