На последниот собир годинава од ова реномирано меѓународно натпреварување од најтрофејниот македонски карате клуб ќе учествуваат Витомир Трајковски (-84 кг.), Данило Божовиќ (+84 кг), Стефан Стојановиќ (+84 кг.), Димитар Лозановски (-67 кг.) и Јована Мицовска (-61 кг.).
Сите натпреварувачи ќе настапат во највозрасната младинска категорија, помлади сениори (У21), во дисциплината борби. Конкуренцијата е досега најбројна – пријавени се 4133 спортисти од 81 држава. Тимот на „Макпетрол“ ќе го предводи тренерот Петар Заборски.
– Во тимот се двајца најдобри млади спортисти на Македонија, Витомир Трајковски и Стафан Стојановиќ и очекуваме тие да имаат добар и забележителен настап. Се надеваме на добро преставување и подобрување на ранг-листата за нашите спортисти од учеството на овој турнир, кој е последен од серијата турнири за Светската младинска лига – велат од карате клубот „Макпетрол“.