Годинава планирано е „Тиквеш“ да прими и обработи над 30 милиони килограми квалитетно грозје. Притоа, основната цена по која оваа година ќе се откупуваат најзастапените сорти е дефинирана на 18 денари за килограм смедеревка и 20 денари за вранец, што претставува зголемување од 8% до 19% во однос на минатогодишната цена, која исто така беше зголемена од 20% до 35% во однос на 2022 година. Со ваквите зголемувања на цените на грозјето, се вели во соопштението, ВВ „Тиквеш“ целосно ги амортизираше ефектите од порастот на трошоците и инфлацијата, која во 2023 година изнесуваше 9,4% на годишно ниво, а оваа година се намали на 3,2%.
„Тиквеш“ и годинава нуди дополнителен бонус за грозје предадено во гајби, како и за грозје со висок квалитет кое е произведено согласно светските стандарди и критериуми за квалитет. Бонусот за грозјето предадено во гајби и цените на грозјето со екстра квалитет се зголемени и до 25% во однос на минатата година.
За лозарите со долгорочни договори и оние кои можат да понудат највисок квалитет, ВВ „Тиквеш“ им гарантира исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од законски дефинираните, се вели во соопштението.